Ова е целта на поетот.
Отсекогаш било вечна дилема
за поет да најде совршена тема,
да ја навезе прецизно и глатко,
предизвикувајќи кај читател
некое чувство слатко.
Да го опие со збор ко вино,
но сосема незабележително и фино,
да не сети тежина од вреќи,
поетски што се насобрале на плеќи.
За момент да избега од реален свет
и да тргне во бестежински лет.
Песната е да го натера
читателот да се внесе,
да научи да ужива
иако душата му се тресе.
Да сака да чита – пак и пак,
да го насочи кон среќата
животниот лак,
да завладее со себе умешно и вешто,
да научи од животот
да прифаќа сè и сешто.
И добрина и мир,
и љубов и несекојдневен пир,
но да го прифати и она
што е тежина, проблем или зло
што секогаш умее да го фрли на тло.
Да почне да живее
и да не го чека самиот крај,
да го впие несовршениот сјај
на единствениот живот што се нуди,
оној кој искуство и авантура буди.
Да го сака тој „јанг и јин“,
да го почувствува крвавиот ринг,
но никогаш да не дозволи да лази
и по својата душа да гази.
Но поезијата има и една маана,
А таа се крие на поетската страна.
Често е мачнина или крвав рез,
можеби некогаш и бол и бес,
но од овде потекнува
и љубов и среќа,
тогаш кога човек умее
да заплива во оваа бесконечна река.
Од спротивности исти,
нечистотии чисти,
стара младост
и тажна радост.
Сè е тоа проекција на емоција,
човечка скромна промоција,
скроена по сечија мера,
да направи да се врати
човековата вера.
Во себе. Во другите. Во светот.
Ова е целта на поетот.
Кристина Дојкоска