Skip to content

Слобода или смрт – Софија Величковска

  • by

Одиме ли по стапките
на поранешни силни борци,
ги труеме ли глувците со победа и борба,
или пак ко мравки наивни се шлапкаме
во една иста кал?
Куршумот не е куршум
ако не е заглавен во крв,
рацете ни се чисти и детски,
па не сакаме да ги извалкаме,
душата ни е кревка и милостива
та и со непријателот ко најголеми кукавици
се однесуваме.
Сме голтнале прашинка
која не ни дава сила,
а оние онаму велат:
СЛОБОДА ИЛИ СМРТ!
Смртта е неприкосновена болка,
неа не ја сакаме,
ја сакаме слободата,
а како слобода да имаме
кога само зборовите ни се силни,
полека но сигурно нè туркаат
во еден голем паразитски паркинг
каде што веќе нема место,
паркинг на кој еден врз друг
спиеме,
паркинг на кој цената му е прескапа,
паркинг од кој тешко се излегува
ако не си добар возач.
А на борба веќе сме заборавиле,
секој си го гледа својот сад
исполнет со пилешка чорба,
никој не сака да погледне во туѓи
празни садови,
и повторно ви велам,
крвта не е вода за така лесно да ја
лееме низ планетава земја,
крушката по крушка си паѓа,
ако не можеме со ништо друго
барем со зборови да пукаме,
нашиот јазик и идентитет
е најсилна пушка која и каменот го разнесува!

Софија Величковска

Напишете коментар