Те читам како ми пушташ скришни пораки,
во шишиња фрлени во некоја река.
И мислејќи ти,
дека нема да ги прочитам,
во безизлез, влегувам во твоите мисли.
Ама јас жив сум тука, таму,
во тебе и ти роварам во мислите
и ти се спуштам, долу,
да ти поминам покрај часовникот,
да видам дали уште те буди
во истото време кое го загубивме,
кога се пронајдовме, во друга димензија.
И можеби заедничко нешто
ќе ни остане питачот на плоштад,
на кој и јас и ти му даваме по некој денар.
И можеби со твојот и мојот денар
ќе купи дома леб,
да се нахранат, да наполнат стомаци,
оти само тие му се празни,
а ние по куќи нема залак да голтниме во нас.
Ние гладните за љубов,
сме заборавиле и љубовта да ја голтниме,
па ситост ни е надежта во пораките.
Таа и сто пати да ме убедуваш кој е подебел,
ќе ти покажам на слабиот питач на плоштад.
Зошто ти никогаш не касна од залакот на љубовта,
а дебели ќе бевме двајцата,
како среќниот питач.
Виктор Кадинец