Нарцисите се толку врвни манипулатори, што додека го читате ова, може да не сте свесни дека во моментов ве искористуваат. Уживаат репутација на вешти шармери што секогаш знаат што и кога да кажат. Може да направат да почувствувате дека на вас гледаат како на нешто исклучително посебно и дека искрено им значите. За жал, најверојатно не е така.
Нарцисите не можат да почувствуваат емпатија на ист начин како повеќето други. Не само што не можат да почувствуваат подлабоки емоции кон вас, туку и не може да сфатат што чувствувате за нив. Но тоа нема да го спречи нарцисот да направи да помислите дека навистина ве цени, сѐ со цел да го привлече вашето внимание, па дури и да ве искористи.
Ве опсипуваат со комплименти
Нарцисите користат одредени финти да направат да верувате дека им значите. Една од нив е да ве опсипуваат со комлименти, од што ќе почувствувате дека ве ценат. Всушност, комплиментите се толку големи, што кога нагло ќе сопрат, оставаат ментален еквивалент на лош вкус во устата. Како нешто лошо штотуку да се случило, но не знаете точно што.
Многу се внимателни на вашите потреби
Нарцисите ви даваат постојано внимание на почетокот. Ќе поминувате многу време заедно, и ќе бидат многу внимателни на вашите потреби и барања. Но во еден момент вниманието ќе запре, исто како и комплиментите. Тогаш ќе почнете да се прашувате дали самите сте направиле нешто лошо. Патем, тие нема да помислат двапати пред да ве обвинат.
Го поминуваат времето само со вас
На почетокот, ова си го толкувате како љубов и обожавање. Тие сакаат да го минат секој можен миг со вас, а и вие исто така. Изгледа прекрасно, но не трае. Бидејќи никогаш не било вистинско.
Кога топлината ќе почне да избледува, почнувате да забележувате некои работи. Никогаш не ги споменуваат семејството, пријателите или своите бивши. И кога ќе им го споменете тоа, стануваат изненадувачки дефанзивни, дури и вербално насилни.
Нарцисите се дружат со останатите за да ги задоволат своите потреби. Mоже да го прекинат контактот со секој од кого не може да извлечат корист. Не сакаат да им се мешате во нивните работи и може лесно да пламнат, ако ги прашувате за луѓето во нивните животи.
Многу се заводливи
Нарцисите може да направат да се чувствувате важно преку секс и заводливост. Нарцисите се мајстори за пристапување од најразлични агли. Користејќи го сексот, прават да се чувствувате моќно и заводливо. Кога ви го пружаат соодветното внимание, се чувствувате посакувано, и од тоа станувате зависни. Тие го знаат тоа и, како и со останатите алатки за манипулација, го применуваат до крај.