“Зашто, кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели.“ (Марко 8, 38)
Најтешки ми беа овие Исусови зборови од сите Негови изречени во цело Евангелие земајќи ги предвид постапките за кои сакам да ви раскажувам. А, сè е толку едноставно кога се верува во Вистината, но кога тоа се прави до крај и покрај искушувачките околности кои сенешто замаглуваат; со ниту еден сомнеж во ниту едно слово, па и во оние сè уште неразбирливите, наменети за помудрите; со многу вера дека тоа навистина се случило, евалуирало во сегашноста и ќе се потчини и на изречените пророштва за иднината; со многу надеж и во моментите на слабост, чувство на напуштеност и коленичење во сопствениот затвор; и со многу љубов за успешно премостување на сите исколабирани исчекувања од драмата наречена живот.
Ако човештвото се поделило на религиозно и атеистичко и едните не дозволуваат своите чувства да ги изразат пред другата група, посебно ако е спротивната мнозинска во општественото опкружување на индивидуата, се појавила и тенденцијата да се сокрива себепознавањето, притоа користејќи маска за да се одигра ликот кој се претопува во моменталната средина. Во секој случај голема немаштија за воскликот кој копнее да биде извикан за да разнесе насекаде кој е, во што верува и на што се надева. Замолчен е, жив погребан, и најлошото засрамен до смрт.
Нели сум прељубодеен род кога ветував многу по однос на Заповедите, а малку остана од мојата верност на крајот кога ја направив калкулацијата полна со нули за неисполнетоста и поразите. Нели сум грешен род кога сакав да постапувам правилно, нормално по сопствено креираната правда, и најчесто во мене имаше желба за добро, но само тоа, контури од добро кои исчезнуваа потиснати од лошите дела. И имав ли доволно исцрпно портфолио за да ги оценувам, осудувам или се засрамувам од Неговите зборови полни со жива вода од бунарот на вечноста?
Но, се срамев. Се срамев да се помолам за ближниот свој јавно како што тоа го правев во мојата ќелија. Се срамев да говорам дека тоа е Божја волја кога сите ја напаѓаа Неговата “суровост”. Се срамев да го осудувам крадењето кога сите го нарекуваа креативност, лажењето кое најчесто беше флексибилност и алчноста заменета со амбиција. Се срамев да се повлечам во мојата пустина кога во кошницата од зуењето на вечно незадоволните пчели не си го слушаш не само сопствениот глас на совеста, туку ни срцебиењето. И се срамев да се наречам со Неговото име со кое понекогаш немавме заедничка ниту една самогласка со која се пишува “рај”.
Но, и Синот Човечки ќе се срами од мене, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели. И ќе стојам пред престолот во Судниот ден, здрвен од страв за пресудата која ќе следи, поминувајќи ми низ главата сите добри и лоши работи како натежнуваат на тасовите на вагата која ту покажува надвиснување на доброто, ту на спротивното. Нема ни да погледнам во ангелите кои се дошепнуваат помеѓу себе за нешто што можам да претпоставам по нивните физиономии.
И сведокот Исус ќе го заврти грбот од мене, засрамен за моите постапки на земјата и без обиди да се стави во мојата одбрана. Ќе клепам збунето од неизвесноста која ме изненади, како целиот свој живот да не бев свесен за тогашниот миг. И пред да сакам да објаснам, што не верувам дека нешто и би излетало помеѓу помодрените усни и задебелениот јазик, се случи тоа пред изрекување на пресудата. Тоа беше Тој, сега веќе лице во лице ја покажуваше крвта пролеана за мене, за мене веќе измиениот.
СП Апостол