Две солзи ѝ се стркалаа по образите. В раце ја држеше рамката во која засекогаш беа заробени таа и нејзиниот драг. Или оној за кој сè до тој ден веруваше дека ѝ е навистина драг. Се држеа за рака под една цреша. Тој на ушите ѝ беше ставил обетки од цреши, а таа ним им се радуваше како мало дете. Ете. Ете колку малку треба за човек да е радосен, си мислеше.
Одамна не веруваше дека таа нему му е драга како тогаш. Како на тој убав пролетен ден на фотографијата. Пред да го сретне него, таа беше оган под ѕвездите. Нејзината енергија ја чувствуваа дури и пеперутките, кои ја надлетуваа некогаш, додека чекореше низ ливадата. Сега е млака. Речиси не постои. Кога прв пат го здогледа, знаеше дека тој е оној вистинскиот. Но сега повеќе веруваше дека тогаш гадно се излажала. Неговата насмевка. Неговата кожа. Неговиот поглед. Рамениците негови. Сето тоа ѝ влеваше некаква сигурност каква што претходно не чувствувала. А денес, денес чувствуваше само гнев.
Можеби никогаш не го сакала. Можеби ни кога прв пат го виде, ниту на таа фотографија. Можеби ниту тој ја сакал, а можеби ниту таа не го сакала. Но ако навистина не го сакаше, зарем ќе ја болеше толку нивната разделба? Колку и да болеше разделбата, ништо не болеше повеќе од лавиринтите на токсичната врска во која заглави. Луташе за да го пронајде него. Ама него го немаше. Оти таа него не го бараше. Ја браше сликата која за него си ја имаше создано во главата. Човекот од нејзините фантазии не постоеше.
Точно, таа држеше еден симпатичен лик за рака. Но тој не беше оној кој таа мислеше дека е. Повеќе наликуваше на вампир од на човек. Колку и да беше убав, во неговите очи во последно време не гледаше ништо убаво, освен бојата. Неговите усни ја труеа. Не ја труеа од бакнежи. Туку како отров ја труеа. Ѝ ја затрујаа душата. Ѝ го парчосаа светот. Ѝ ја одзедоја надежда. Ѝ ги затрупаа фантазиите. А таа цело време го прифаќаше она што тие усни имаа да ѝ кажат. Молчеше и прифаќаше. Оти мислеше дека нема како него. Дека само тој постои и дека тој е центарот на нејзиниот свет.
Од пред некое време почна да сфаќа. Сфати дека тој засекогаш ќе остане ист. Дека тој не човекот од нејзината глава. А таа заглавила со него, мислејќи дека тој е некој друг. Болеше. Разделбата многу ја болеше. Душата ѝ се кинеше. Оти знаеше дека нема како него. Оти се сомневаше дека друг така ќе ја чува. Оти мислеше дека никогаш некој друг нема да сака. Ама повеќе болеше цврсто да ја стега неговата рака. Ете затоа го пушти. Пушти, оти многу повеќе болеше додека стегаше цврсто. Болеше. Само болеше. Но еден ден, сигурно ќе ѝ помине.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.