Се наоѓаме пред платното кое е решително поставено на штафелајот.
Штафелајот го поткрепува платното на кое се црта, ние заборавивме.
Побрзо би ги искршиле тие штафелајски ногарки, со сигурност.
Почнавме да пловиме во графики, и упорно додаваме ахроматски тонови.
Колку си одиме спроти глава.
Ликовната перспектива е само од наш агол, а заборавивме дека и други уметници има.
Пловиме во тие графики, а што е со тоа дека нејзиниот основен принцип е балансирање?
Балансирање помеѓу црните и белите тонови.
Сакаме веднаш да цртаме како мудрите уметници- со еден замав – маестрално дело.
А не сме дораснати ни за акварел, каде мора да мешаме вода и боја.
И нема да имаме услови за тоа.
Зошто многу сакаме со таа вода да му напакостиме на другиот уметник така што мешаме со таа вода во туѓите бои и правиме хаос.
И знаете што е најрозочарувачки?
Што потоа како да не знаеме за вртлозите, за бурите кои сме ги предизвикале.
Најомилена техника ни е линорезот.
Затоа што резбаме и не нè интересира што длабиме во туѓите срца.
А тоа како го правиме?
Користиме длета на љубомора.
Длета на несакање.
Користиме постапки за кои подоцна добиваме склероза за себерезбањето.
Забораваме дека таа боја за печатење постои и ќе нè стигне.
Ќе нè потопи.
Ама кога ќе се појави виножитото на тоа платно и ќе се појави и промената.
Ги искршивме ногарките на штафелајот.
Ама тој нè престигна.
Зашто имаше порано едни уметници кои платното
го поставуваа на ногарките на љубовта, разбирањето. На прегратките.
И нивните бои исцртуваат насмевки и денес.
Секоја нивна линија го црта хоризонтот наш.
И ги брише оние првите.
Зашто пејсажите на животот ги цртаме самите.
А тоа на која група ќе станеме член е наша одлука.
И конечно, светлината ја победи темнината.
И да, нè освои…
Димитра Десановска