“Имајте вера во Бога. Оти, вистина, ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: Дигни се и фрли се в море! и не посомни во срцето свое, а поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете, и ќе ви биде.“ (Марко 11, 23-24)
Верувам ете дека за некој сончев ден снегот ќе се стопи и ќе стане минато во мојот двор. И толку, мојата верба се потпрела на сознание кое сум го добил од образованието, дури од она основното, од книгите, на интернет, од логиката како дел од мојата интелегенција сè уште непроверена во коефициенти. Верував во нешто што веќе е докажано и не ѝ оставам на мојата верба ниту процент можност да заплови во непознатото и почне да верува само врз основа на докази доставени од срцето.
Да верувам дека ќе добијам на лотарија наредниот вторник и дури и да ја распоредам добивката што за новата куќа, што за автомобилот од соништата. Повторно ќе нема линк со срцето туку со предизвикување на судбината да ме обогати во замена за моите пофалби за нејзината дарежливост и нејзино именување кралица на изборот.
Имајте вера во Бога. Имајте вера дека ќе се исполни посакуваното само ако тоа е за ваше добро, и непосакуваното повторно за ваше добро. Се сомневате ли дека вашиот татко ќе ви даде камен кога му побарате леб или змија наместо риба? Повремените животни искушенија проследени со падови нормално се доволно бреме да ги предизвикаат депресивните мисли кај повеќето од нас, со што почувствуваниот безизлез и осаменост дефинирана како напуштеност од сите е ноторна невистина на пронаоѓачот на лагата – сатаната, чија основна цел е да ја омаловажи основната цел на Таткото да ги љуби своите деца на нивниот пат за враќање во прататковината и да го престави самиот Тој како бескруполозен диктатор кој суди и казнува по неговите мери на непослушност.
Ако некој ѝ рече на планината да се дигне и да се фрли во морето, но да не се посомнева во срцето свое, а поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. Се обидов, но ниту камче, ниту тревичка од нејзината падина не се помрдна после мојата заповест. Се обидов и да верувам во мојата моќ да бидам наредбодавец на предметите, строг лидер над нивната волја која нема да ми противрече и ќе ги натера да ја завршат задачата. Се обидов да не се сомневам во срцето свое дека таква моќ е ужасна одговорност што кога би ја имал сигурно би погрешил и би натерал и некого неволно да заврши во морето.
Сè уште пред очите ми е грандиозноста на планината и мојата маленкост наспроти неа и се чудам како би било можно да ја пренасочам нејзината градба од позицијата на која е поставена и еволуира неколку милиони години на друго оддалечено место, активност за која не е доволна најсовршената механизација изумена до денеска. Но, сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете, и ќе ви биде. Што ќе правам со славата на филмска звезда кога доволен ми е мирот во мојата соба помеѓу страниците на новата книга. Што ќе купам со вредноста на Титаник кога имам доволно обувки и храна за да ја обезбедам половина од најсиромашната популација на земјината топка. Што ќе правам со љубовта која платонски ја посакувам кога некомпатибилноста со таа личност ќе ми ја направи иднината хорор филм со бесконечни продолженија.
Поставете духовни прашања и ќе добиете одговор на сè што ве обеспокојува. Дали сум заслужил мојата молитва да биде услишена? Ако се исполни мојата волја, можеби сегашната несреќа ќе биде маково зрнце наспрема она што ме очекува? Ако не сфаќам дека сум доволно среќен, дали може да добијам сознание за тоа? Ако не можам да добијам сознание, дали може да добијам трпение додека го очекувам сознанието? Не заборавајте дека со добиените одговори ќе бидете моќни да ги преместувате планините, барем оние кои се ваши товари.
СП Апостол