„Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски е романот кој оваа година ја однесе наградата „Роман на годината“, книжевната награда која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот на Јанковски е објавен од издавачката куќа „Антолог“.
„Литературата и раскажувањето приказни ни се потребни, бидејки прикажуваат дека животот е полн со нијанси, не е црно-бел, туку полн со различни перспективи. Треба сите да се потрудиме литературата и уметноста да допрат до нашите сограѓани, бидејки така создаваме посложена перспектива за животот што нè опкружува. Затоа приказните и литературата се многу битни“, изјави лауератот Јанковски при доделувањето на наградата.
За наградата оваа година конкурираа 40 романи, а во најтесниот круг се натпреваруваа романите „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски („Или – или“), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски („Антолог“), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски („Антолог“) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).
Жири-комисијата во состав на претседателката Оливера Николова, Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и претставничката на фондацијата Катерина Богоева, го соопштија лауреатот денес на прес-конференцијата во кафе-книжарницата „Буква“.
Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 22-ри пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.