„Горчливо срце“ од Виктор дел Арбол ми остави длабок впечаток. Штом после три месеци од прочитувањето импресиите ми се прилично свежи, заслужува осврт. На Инстаграм ветив дека ќе направам рецензија, но одлучив да ја објавам и на блогов подолгата верзија.
Тргнувајќи од фактот дека претходната негова прочитана „Милион капки“ не очекував ништо помалку и од ова дело. Авторот е добитник на наградата “Премио Надал“ за 2016 година. Се работи за шпанска литературна награда која се доделува уште од 1944 г. Наградата важи за една од најстарите и најпрестижни литерарни награди.
Во овој роман ликовите се убаво изградени давајќи му на читателот можност да емпатизира со истите. Како и шанса да ја дознае поединечната приказна од секој од нив. Нивните приказни се испрептелтени на некаков начин, но речиси до самиот крај авторот вешто нè држи во неизвесност. Поранешен уметник и главен протагонист кој се обидува да живее повторно од уметноста, доживува семејна трагедија.
Колку мало сопствено или туѓо невнимание е потребно за да се наруши една семејна идила и животот да добие сосема друга димензија? Болката како неизбежен дел од процесот на прифаќање на вистината и непромислена постапка која Едуардо ќе го чини затвор. Кај него се јавува борба за опстанок, спротивставувајќи се на ова истовремено и желбата за напуштање на физичкиот свет. Бидејќи тој не гледа смисла во неговото постоење без неговите најсакани.
Таинствената жена која ќе му пријде, а потоа и ќе му се наметне во секојдневието давајќи му една посебна задача. Таа е да наслика портрет од убиецот на нејзиниот син. Како што некогаш нотите на виолината ја исполнувале просторијата на поранешната виолинистка, со смртта на нејзиниот син во нејзиниот свет царува тагата и желбата за одмазда.
Убаво склопениот и долго осмислуваниот план ќе почне да ја плете приказната во која ќе се сретнат неколку човечки животни приказни. Од една страна е таинствената жена која се обидува да му помогне на Едуардо да му се врати на сликањето, од друга страна се неговата сосетка и нејзината ќерка. Човекот чиј портрет треба да биде нацртан штотуку излезен од затвор се бори за опстанок. Тој будно трага по вистината за смртта на неговата ќерка. Нема да запре додека не дознае сè.
Многу изгубени животи, прашања неодговорени кои со секоја наредна страница ќе почнат да се одговараат. Неизвесен до самиот крај, овој роман мистерија ќе ви покаже како одмазата која во секој поглед е погрешна, ги придвижува настаните до самиот крај. Таму веќе е сè разјаснето и ги има одговорите на сите дилеми, како и причините за сите постапки од протагонистите и останатите ликови кои не се малку на број во овој роман.
Моја топла препорака е за љубителите на мистерии. Оцена 3.9/5.
Прочитајте ја и рецензијата на „Сè она што не успеав да ти го кажам“ од Анастасија Лефкоска.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.