Некој затропа на мојот прозорец. Беше тоа чуден звук. Набргу, наслушав цвркот на птици. Ластовици направиле гнездо на мојот прозорец. Зарем помина и оваа зима без да ми го стоплиш погледот? Зарем и ова лето нема да го мирисаме солениот мирис на морето заедно? Зарем нема да дојдеш под мојот прозорец како птица ластовица оваа пролет?
Те чекам секој ден. Те чекам да ми го стоплиш погледот, те чекам да ја мирисаме солта на морето, те чекам да бидеме слободни како птици кои не се плашат од височините. Не се плашат да се вивнат горе но и ранети да паднат долу на земјата. Зошто ќе има кој да ги лекува и да ги крене повторно нагоре. Љубовта. Таа волшебна енергија која не крева горе после секој пад. Таа волшебна сила со која лебдиме над земјата и кога сме паднати. Тој неисцпрен нектар кој ги оживува и мртвите. Сила со која патуваме низ универзумот.
Те чекам секој ден. Како ластовица која секогаш се враќа на своето гнездо. Понекогаш таа собира повеќе слама да си го поправи гнездото кое го растурил силниот ветар. Како моја душа која некогаш е немирна и и треба прегратка за да се смири за да не се растури и раскини на илјадници парчиња. Ќе дојдеш ли да ми ја зацелиш душава? Не знам, само чекам и го слушам цвркот на ластовиците.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.