Skip to content

Клеопатра и Марко Антониј – Софија Величковска

  • by

Ние сме тие измамени човечки души,

ние сме тие проклето оформени пчели,

ние сме тие врисоци кои доаѓаат од далеку,

ние сме точно определена скица за љубовта.

Но ние нема да се убиеме.

Ние се бараме..

Секаде.

Во страшните изубени времиња,

се бараме во прекрасните книги

 на вистинската љубов,

а се пронаоѓаме во мрачна соба

во која ѕидовите се толку стари и излитени,

што веќе тие тапети почнале да се одлепуваат,

мастилото се расипало на едно долговечно писмо

кое сакав уште одамна да ти го препратам,

не успеав..

Не успеав да стигнам  до прагот на твоето срце

оти тоа поради мене се изгуби во густите непроодни шуми.

Клеопатра си го одзема животот за својот љубен Марко.

Јас ти го давам мојот.

Да го чуваш.

А ти ми го даваш твојот.

Да го чувам.

Од два животи се раѓа уште еден.

Тој живот заедно ќе го чуваме.

И прекрасните мелодии отсвирени

од усните на Марко Антониј

ја засладија душата на Клеопатра,

сета нивна грубост, засладеност, меденост,

агресивност и страст

се споија во еден бунар на вечноста,

тука заедно пропаднаа,

тука заедно тонеа во бескрајните

ноќи каде што телата им се допираа

како да се два зелени листа од црешата на пожртвуваноста.

Тие беа жртвите на љубовната опивка.

Не дозволувај да бидеме и ние.

Јас би била онаа твоја принцеза

која би седела пред огледало и везден би се дотерувала,

би ти пишувала песни и би ги пеела

иако не звучам баш најдобро,

а ти,

ти ќе бидеш мојот љубен принц кој

секаде каде што оди во мислите ќе ме носи мене,

во срцето ќе го носи моето срце,

да ти биде топло,

да заборавиш на студенилото кое

те чека на тој суров пат,

јас ќе ти бидам заштитен шлем,

ќе ти бидам мастило со кое додека пишуваш

си ги валкаш усните,

ќе ти бидам лузна која вечно ќе ја носиш со себе,

биди моето минато, сегашност и иднина,

биди ми!

Софија Величковска

Напишете коментар