Skip to content

Жан де Лафонтен – Дворот на лавот

Годината 2021 година е посветена на 400-годишнината од раѓањето на Жан де Лафонтен. Тој е прочуен француски баснописец и поет. Тој е еден од најголемите писатели на францускиот класицизам. Се вбројува во редот на најпознатите баснописци во светската литература. Жан де Лафонтен е роден во Шато-Тјери на 8 јули 1621 година; починал во Париз на 13 април 1695 година. Тој бил примен во Француската Академија во 1684 година. Помеѓу 1668 и 1694 година, Жан де Лафонтен напишал 240 басни кои биле инспирирани од баснописците од грчко-римската антика, најчесто од Езоп. Ги објавил во три збирки.

Критичарот Сент-Беф ќе го нарече „француски национален поет“, а историчарот на литературата Иполит Тен „француски Хомер“. Неговите басни се раскажани со исклучително елегантен стил, а преку приказните за бројните згоди и незгоди во животинскиот свет, тој всушност суптилно продира под површината на француското општество и ги истражува анималните аспекти на самиот човек.

Во негова чест објавуваме една негова басна која е објавена во неговата втора збирка басни.

Дворот на Лавот

Неговото височество Лавот еден ден сакаше да знае,

Кои нации Небесата му ги дала  да ги владее?

Затоа, преку пратеници свои прати

Вазали нејзини од секаков вид

На сите страни

Циркуларно писмо

Со свој печат. Писмото кажуваше

Дека кралот цел еден месец ќе заседава

Со свечено собрание, чиешто отворање

Ќе биде голема гозба

Каде мајмуни ќе кажуваат стихотворба.

Со сиот  ваков раскош

Ја покажуваше својата многуважност.

Ги покани во својот Лувр.

Но, каков Лувр! вистинска гробница, чијашто смрдеа се шири

До носот на сите измеќари. Мечката ги затвори своите ноздри:

Но таквата гримаса не ѝ донесе среќа

Монархот лут ја прати долу кај Плутон во вреќа.

Мајмунот ја пофали оваа строга казна

Тој е познат по својата ласкавост, таа му е важна.

Му ги пофали шепата, дувлото и неговиот мирис чуден

Кој не мирисаше ни на амбра  ни на цвет буден

Ни малку не на лук неугоден. Глупав фалбаџија

Кралот го казни мислеше дека е шегаџија.

Овој славен крал наш

На Калигула роднина е баш.

Лисицата беше тука: Кажи, ѝ рече кралот

Мирисаш ли нешто, но немој да лажеш.

Но таа побрза да се извини

Настинка има страшна, без нејзина вина.

Не може да намириса ништо

И се повлече да си биде на чисто.

Ова нека ви биде поука читатели мои.

Ако на дворот сакате да се додворувате

Не ласкајте многу, но и вистина да не кажувате

Бидете лукави како  Норманците.

Анализа

Во оваа басна, го насликал дворот и неговите дворјани и дава совети како двојраните да се однесуваат пред кралот  Луј XIV.

Животните  се претставени стереотипно: 

– Мечката: несмасност и тежина „го затнува носот“

– Лавот: авторитет, моќ, тиранија, насилство (кралот) 

– Мајмунот: ласкање и претерана учтивост (ги претставува двојраните)

 – Лисицата: во согласност со традицијата на Романот за лисицата ( француски средновековен сатиричен еп (XII-XIV век): интелигенција и прикривање

Оваа басна е критика на дворот и неговите дворјани. 

Кралот сака камуфлирање. Тој е тежок човек. Ако не му го кажете она што сака да чуе, тој „ве испраќа кај Плутон (подземјето)“. Тој е тој што одлучува за сè.

– Луѓето се прикажани како глупави. Се тепаат за да бидат во близина на кралот. Дворјаните се лицемери. –  Совет на Ла Фонтен: да не бидеме ниту многуискрени, но да не претераме и со ласкањето, да правиме сè до одредена граница. Тоа покажува колку е тешко да се биде пријател на кралот.

Поука: Треба да знаеме да се приспособиме на секоја ситуација и да внимаваме што зборуваме.

Прочитајте 17 мудри мисли и неколку факти за најпознатиот баснописец Жан де Лафонтен.

Напишете коментар