Секоја ноќ во 22:00 часот, тој влегуваше во својот автомобил. Вклучуваше музика. Не било каква музика. Ја пушташе нејзината омилена песна, „Рингишпил“ од Ѓорѓе Балашевиќ. Немаше снимено ниту една друга песна, па постојано свиреше истата. Потоа се губеше некаде низ времето и местата. И секогаш завршуваше онаму каде што таа за првпат нему му се предаде. Излегуваше од автомобилот. Се потпираше на хаубата. Сè наоколу беше исто. Ливадата. Погледот кон небото преполно ѕвезди. Градот, кој блескаше со целиот свој раскош пред него. Од тука имаше прекрасен поглед. И кон небото. И кон градот.
Таа го сакаше тоа место. Кога немаа каде да одат, доаѓаа тука. Во автомобилот уште стоеше диплата која ја постилаа за да не седат на гола трева. Таа ќе си ги соблече сандалите. Ќе се оптегнеше, а главата секогаш си ја потпираше на неговото рамено. Секогаш мирисаше исто. На орхидеи. Парфемот никогаш не го смени. Мирисот ѝ беше нежен. Потсеќаше на свежина. На пролет. А таа беше токму таква. Пролет. Му донесе пролет во животот. Но пролетта кратко трае. Ама барем секогаш доаѓа. Доаѓа одново и одново. Ќе дојде ли таа? Се прашуваше некогаш, иако одговорот го знаеше. Само не сакаше да си признае дека неговата пролет веќе нема никогаш да дојде.
Некогаш, така потпрен на автомобилот ќе запалеше цигара. Некогаш ќе отвореше шишенце водка. А некогаш само гледаше околу. И секоја ноќ го потсеќаше на ноќта кога таа нему првпат му се предаде. Се сеќаваше на нежноста од нејзините бедра. На нејзината наежена кожа. На воздишките. На косата нејзина, која се плеткаше низ неговите прсти. И ако претходно ја имале други, тој знаеше дека таа само негова чекала да биде. Ама не знаеше. Не можеше да верува дека туку така ќе исчезне. И бараше причина. И во себе. И во нејзе. Ама добра причина за нејзиното исчезнување не можеше да најде. Што ѝ стана? Какви мисли се плеткаа во таа нејзина убава глава со ситни очиња? Посакуваше да може да открие. Барем да може да разбере. Барем да му кажеше еден збор…
Секоја ноќ во 22:00 часот, тој влегуваше во својот автомобил. Ја пушташе нејзината омилена песна, „Рингишпил“ од Ѓорѓе Балашевиќ. И од некои необјаснливи причини, секогаш завршуваше на местото на кое што таа првпат нему му се предаде. Со неа ништо не беше сигурно. Едвај можеа да состават мирен час. За нив немаше мирен ден. Секогаш имаше болка, па радост. Распарчување, па составување. Рушење, па градење. Тој беше зависен од нејзината насмевка. И таа од неговата. Со неа имаше и сè и ништо. Мир и немир. Љубов и болка. Таа него го спасуваше, ама себеси се жртвуваше. Таа кон дното тонеше. Каква и да беше, за него таа беше најубава. Беше пролет, која барем еднаш во неговиот живот дојде. И беше убава и траеше кратко. Исто како пролетта.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.