Еуџенио Монтале (12 октомври 1896, Џенова – 12 септември 1981, Милано) добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1973 година и на Нобеловата награда за литература две години подоцна. Негови познати дела се „Аутодафе“, „Бура и друго“, „Сатура“ и други. Во продолжение прочитајте го изборот поезијa.
Крајбрежја,
доволни се пар страка остра трева
надвиснати над провалијата
врз виорот на морето;
или две бледи камелии
во напуштените градини,
и еден евкалиптус златен да се нурне
во шумје и летови луди
низ светлината;
и еве в миг
околу мене невидливи конци се обмотуваат,
пеперуга сум во пајажина
од трепет на маслини, од погледи на сончогледи.
Милно заточеништво сте денес, крајбрежја,
за оној што лесно се предава,
чиниш за да оживее една древна игра,
никогаш заборавена.
Го паметам цедилото реско што му го подадовте
на залутаниот младич, о брегови:
во јасните утра се претопуваа
плешките на ридовите и небото; на песокот
крајбрежен се ширеше вител, како што
трепереа животите,
светот го тресеше треска, и секое нешто
чиниш во себе се трошеше.
Ох, тогаш небаре кошкани
како коската од сепија под брановите
се згинуваше малку по малку;
се стануваше
набрчкано дрво или камен
измазнет од морето; нијанса
претопена во боите на залезот; исчезнуваше
плотта за да шикне извор опиен од сонце,
од сонцето растргнат…
Овие беа,
крајбрежја, заветите на едно детенце старо
кое крај една разронета ограда
полека умираше насмевнато.
Колку само, о мориња, овие студени светлини
му зборуваат на оној што увилен бегаше од нив.
Сечила вода што се откриваат низ премини
од кревки ветки; кафени карпи
низ пените; првнувања на ластовици
бездомни…
Ах, можев
да ви верувам еден ден, земји,
посмртни убавини, златести рамки
за агонијата на секое битие.
Денес ви се враќам
посилен, или во заблуда, иако срцето мое
како да се топи во спомени драги – и свирепи.
Тажна душо некогашна,
и ти, пориву нов кој ме повикуваш,
време е можеби да ве спојам
во мирен пристан на мудроста.
А еден ден повторно ќе ја има поканата
на златните гласови, на ласкањата храбри,
душо моја исцелена веќе. Помисли:
елегијата во химна да ја смениме; да се промениме;
да не сопираме веќе.
Да можеме
слично на овие гранки
вчера солупени и голи а денес натежнати
од шепот и сокови,
и ние
да сетиме утре низ мириси и ветрови
распливнати сништа, лудо итање
на гласови кон целта; и во сонцето
што ве заплиснува, крајбрежја,
одново да расцветаме!
Препев: Живко Грозданоски
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.