Немам право да допирам туѓи рани,
рани кои зараснале,
а со еден мал збор или допир знам дека
повторно ќе прокрварат.
Чувства ќе излегуваат како капки крв
кои ќе се слеет како олово барајќи го патот кон земјата.
Таа најдобро ги знае сите чувства.
Таа најдобро ги апсорбира сите лаги и измами.
Скриени богатства и љубови.
Немам право да барам трошка милост
со еден поглед упатен кон тебе.
Немаш ни ти, никогаш.
Во погледот се читаат сите вистини,
таа ги сокрила исто како земјата.
Во нив се сокриени сите чувства кои без збор,
без ниеден збор откриваат мрачни вистини.
Вистини кои ни една душа не смее да ги знае.
Не смее да ја знае слабоста која ми е сокриена во сржта.
А тоа е љубовта.
Но постојат граници кои никогаш не смее
да се преминат ниту во љубовта ниту во војната.
Постои една невидлива црта,
што кога ќе стигнеш до неа,
знаеш дека понатака е забрането да одиш.
Ако ја прејдеш…
Ако случајно се осмелиш да ја прејдеш.
Нема повеќе назад.
Никогаш не постои опција за назад.
Вратата се затвара зад тебе и имаш само
еден пат создаден пред тебе.
Духовите од минатото ќе те гонат,
ќе сакаат да те дофатат а ти мораш да бегаш.
Овој пат посилно, побрзо и порешително.
Сега шлемот кој го држеше врз тебе е оставен назад.
А ти си соголена пред секој поглед,
ти си кревка, а воедно и толку силна.
Приморана си да бидеш таква.
И додека го преиспитуваш секој следен чекор
ти само едно знаеш дека мораш да одиш напред.
Зошто назад… тоа назад повеќе не постои.
Земјата го проголтала заедно со твоите гревови и грешки.
Во куферите што ги сокри во срцето се само
неколку спомени, копнежи и трошки каења.
И повторно си на пат.
На патот кој сама си го скрои.
Нека ти е среќен.
Не врти го погледот назад.
Зошто ќе видиш една голема јама, која сака да те проголта.
Јелена Ѓиноска