Skip to content

Мајка – Софија Петковска

  • by

Девет месеци под срцето те носи,
а потем,
со тешки болки од кои утробата ко со клинци се распарува,
ти дава здив со кој го запознаваш светот,
ти вдахнува живот,
та нејзиниот живот од тој миг
благословен е.
Заборава што е мирен сон,
ги менува животните навики,
станува побрза,
поспретна,
поодлучна,
потрпелива,
похрабра,
поборбена,
се менува целата,
и однадвор
и однатре,
но среќна е таква,
се сака себеси.
Секоја нејзина насмевка,
секое нејзино хоби,
секоја нејзина прошетка,
секоја нејзина цел,
секоја зготвена храна,
за неа добива друга димензија,
многу поубава,
совршено величенствена.
Таа го љуби таквиот живот.
Исто како св. апостол Петар,
кој три пати
пред петлите да пропеат
од Исус се откажа,
ете така лесно и едноставно,
кога од тебе
сите знајни и незнајни ќе се откажат
само таа ќе е тука за тебе рака да ти подаде.
Со тебе ќе плаче,
со тебе ќе се радува.
Дур е жива.
Кога успеси ќе нижиш,
сите ќе те фалат и со цвеќиња ќе те китат,
но тие сите,
за кратко време и ќе заминат,
секој по својот пат,
а само таа…
Таа уште ќе седи на столчето пред бината
аплауз да дава и да те повикува на бис.
Горда и среќна.
Таа…
Рамо за плачење,
пердув за чешкање по раката,
прва учителка.
Таа…
Најдобар пријател,
друштво за кафе,
раскажувач на приказни.
Таа е ангел на Земјата.
Таа..
Те моделира ко глина,
од тебе прави форма,
те запознава со светот,
те учи за животот,
прва љубов
и допир со сè останато.
Папочната врвца не е мала работа.
Една е мајка.

Напишете коментар