Таа носеше црвени гаќички, и мали бенки светлина исползуваа зад нејзините весели гради. Таа се викаше. Таа молчеше. Знаеше ненаметливо да се престори во снежен облак и мирно да умре во нечиј туѓ сон. Таа се викаше. Умееше да брише прашина од загубените спомени и да готви пита од идни љубови. Еден ден седеше на мал триножец на една мала тераса и целиот свет се престори во пупка што ја уништил првиот мраз.
Таа испушташе звуци кои само одбраните микроорганизми можеа да ги протолкуваат и да ги запишат во тефтерите на влезовите од црните дупки. Таа се викаше, но сепак немаше име. Само едно влакно од нејзината коса беше доволно да предизвика цела низа поплави и земјотреси во кинеските рудници. Таа сакаше руини. Невидливости. Неизречливости. Еднаш ја видов во првата голтка кафе и се престорив во капка крв која капе од издупчената ткаенина на вселената.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.