Skip to content

Михаил Булгаков – руски лекар, писател и драматург познат по делото „Мајсторот и Маргарита“

Михаил Афанасиевич Булгаков (15 мај 1891 во Киев – 10 март 1940 во Москва) е руски писател и драматург, најпознат по романот „Мајсторот и Маргарита“.

Животопис

Михаил Булгаков е роден во Киев, на 15 мај (2 мај по стариот календар) 1891 година, како најстар син од вкупно седумте деца на професорот по теологија. Неговиот татко умрел во 1907 година, а следната година Булгаков ја запознал четиринаесетгодишната Татјана (Тасја) Лапа, која од Саратов дошла на распуст во Киев, и се вљубил во неа. Подоцна, во 1913 година, тој се оженил со неа и за таа прилика напишал шеговите драмско дело со пеење. Во 1916 година, дипломирал медицина на Киевскиот универзитет, а потоа работел како селски лекар (заедно со Тасја), најпрвин во селото Николско, а потоа во местото Вјазма. Овој период од животот подоцна го опишал во збирката раскази „Записи на младиот лекар“.

Работел како доброволец лекар во Првата светска војна

Кога почнала Првата светска војна, Булгаков веднаш се пријавил за доброволец во Црвениот крст, а по избувнувањето на Октомвриската револуција бил присилно мобилизиран во Украинската националистичка армија. Во 1918 година, тој и неговите помлади браќа Николај (1898-1966) и Иван (1900-1968) биле мобилизирани во Белата гарда и се бореле на фронтот на Кавказ. Притоа, Булгаков работел во полската болница, а Тасја му помагала како медицинска сестра. Брат му Николај исчезнал во воениот виор, а во 1922 година му се јавил на семејството од Загреб, каде завршил медицина, а подоцна бил познат бактериолог во Париз.

Во 1921 година започнал да пишува

Другиот брат Иван, исто така, живеел во Париз. Во 1919 година, Булгаков ја напуштил лекарската работа, а следната година се преселил во Грозни и во Владикавказ, каде заболел од тифус и едвај останал жив. Во 1921 година, со Татјана се преселил во Москва, каде ја започнал својата писателска кариера. Брачниот пар Булгаков живееле на Бољшој Садова улица, број 10, во станот 50, во една колективна зграда која станала една од првите работнички комуни, а подоцна станот станал познат по тоа што во романот „Мајсторот и Маргарита“ во него биле сместени Воланд и неговата придружба.

Во 1923 година, Булгаков се развел од Татјана и се оженил со Љубов Евгеневна Белозерска (1895-1987). Во 1928 година, Булгаков побарал дозвола за патување во Париз, за да ги посети браќата, но бил одбиен. Истата година, тој отпатувал на Кавказ, во Тифлиз и во Батум, а во јули му напишал писмо на Сталин, со следниве зборови: „Немајќи повеќе сила за да живеам, измачен од прогонувањата, знаејќи дека повеќе не можам да бидам објавуван ни изведуван во рамките на СССР, доведен до нервен удар, Ви се обраќам и Ве молам да се заземете кај владата на СССР да бидам протеран надвор од границите на СССР заедно со мојата жена Љ. Е. Булгакова, која се придружува кон оваа молба.“

Неговата втора жена инспирација за ликот на Маргарита

Во февруари 1929 година, Булгаков ја запознал Елена Сергеевна Нирнберг (1892-1970), во тоа време омажена како Шиловска, со која се оженил во 1932 година. Елена му послужила како инспирација за ликот на Маргарита од неговото најпознато дело „Мајсторот и Маргарита“. Токму во 1929 година, хајката против него доживеала врв и Булгаков пропаднал финансиски, така што по вторпат поднесол барање да замине во странство, а откако повторно бил одбиен, побарал да го исклучат од серускиот сојуз на писателите.

Бил депресивен и сакал да работи надвор од Русија

Во текот на 1930 година, Булгаков често се наоѓал во состојба на нервно растројство и во депресија при што станувал сè поблизок со Елена Сергеевна. На 28 март истата година, по нејзин наговор, тој напишал очајничко писмо до советската влада во кое споменал околу 400 клеветнички критики против него, без да има можност да одговори на ниту една од нив. Во писмото, тој напишал: „Оневозможувањето да пишувам е исто како да сум жив закопан.“

Притоа, повторно побарал да биде прогонет надвор од СССР или, пак, да му се даде работа како соработник на режисерот во некој театар, или барем место на статист или сценски работник. По ова писмо, на 18 април, неочекувано му се јавил Сталин, прашувајќи го: „Навистина барате дозвола за странство? Зарем толку ви здодеавме?“, а потоа го осветувал да поднесе молба за работа во театар, по што, навистина, Булгаков добил работа како помошник на режисерот во Художествениот театар.

Сталин не му дал дозвола да замине во странство

Во мај 1931 година, Булгаков му напишал уште едно писмо на Сталин, повторно барајќи дозвола за странство, но заминувањето не му било дозволено. Во февруари 1931 година, врската на Булгаков со Елена Сергеевна запднала во криза и во период од година и половина (сè до нејзиниот развод) тие не се гледале. Во 1932 година, Елена Нирберг се развела, на 4 октомври се омажила за Булгаков и со својот син Сергеј се вселила во станот на Булгакови, во квартот Патријаршиски рибници, каде со нив живеела и Љубов Белозерска со која Булгаков го задржал пријателскиот однос.

Починал од наследна вродена болест

Во 1934 година повторно (неуспешно) побарал дозвола за патување во Франција, по што, заедно со Елена, заминал во Ленинград, каде со електрошокови се лечел од депресијата, но по неколку месеци повторно му се вратиле нервното растројство и клаустрофобијата. Во 1939 година почнал да го губи видот, а лекарите му ја поставиле дијагнозата нефросклероза (вродена неизлечива болест на бубрезите), од која умрел татко му. Следната година, по неколкудневни страшни маки, Булгаков умрел мирно, во сонот, попладнето на 10 март, а бил погребан на гробиштата Новодевичи во Москва.

Напишете коментар