Тмурните денови и магливите утрa носат силна порака. Вжештените прозори и топлите соби кријат посебни приказни. Пареата од штотуку направениот топол чај што изгрева од шолјата за мене има различно значење во различно годишно време. Есено време ме потсетува на магла што се спушта во далечината на патот. Во текот на зимниот период на чад што го испуштаат оџаците од куќите. Во пролет ме потсетува на тмурен облак во ден со висока температура кој се спрема да испушта пороен дожд. Чајот чијашто пареа се извива во воздухот во летно време е како воздухот што го испушта вжештен фен за коса.
Додека ги испивам последните голтки од чајов од нане, го замислувам ментолот и колку му е поразличен вкусот во овој облик. Ми текнува на песна од Тоше во која вели „Ко пеперминт е слатка лагата, а оној ладен вкус нешто сокрива“. Веднаш ја пуштам да ја слушнам додека ги пишувам следниве редови. Мене оваа шолја со течност ми има сладок вкус иако во него немам ставено ниту трошка шеќер.
Самата помисла дека една шолја чај е виновна за текст од неколку параграфи со зборови е импресивен. Но не е само до шолјата со млака течност. Има тука и многу други фактори во позадина. Водата со вкус сама по себе буди некои подалечни и поблиски спомени. Јас се задржувам на сегашниов миг и продолжувам да ги искажувам мислите кои чекале да се ослободат.
Како што ја привршувам оваа шолја, патем прва по ред за денес, во мислите си ги редам благословите во еден мисловен список. Благодарна сум што имам покрив над глава и можност да си ја сварам водата, пред да ја истурам во шолја. Кога ќе помислам дека некој го нема овој животен “луксуз“ на располагање, сфаќам колку треба да се биде задоволен и со некои вакви ситници од секојдневниот живот. Списокот продолжува со вакви детали кои сега нема да ги спомнам. Само ќе посакам секој од нас да може да си го наброи благодетите што ги ужива секојдневно. Да си ги спомне и да е благодарен за сѐ што ни нуди животот.
Не би смееле да ја потцениме вистината која вели дека “сме среќни што имаме време во текот на денот да испиеме една шолја чај уживајќи во активноста“. Истата таа активност може да биде проследена со убав разговор со драга личност. Или пак со уживање во сопствено друштво и пријатна музика во позадина. Изборот е голем, само треба да бидеме свесни дека го имаме. И уште посвесни дека некогаш несвено правиме избори кои сме можеле да ги направиме поинаку.
Одамна не пиењето чај не гледам како на една обична секојдневна активност од живеењето. После овој текст, дефинитивно пиењето чај нема да биде исто. Друг пат ќе ви раскажам зошто. Покрај многуте статии што можат да се најдат на интернет за неговата корисност при консумирање, тој има долга историја. Подолга и од постоењето на самиот интернет којшто што ни овозможува да добиеме брзи информации.
Додека уште не е разрешена дилемата дали тој потекнува од Кина или Индија, кај нас сѐ уште важи за еден од најевтините пилајаци што можеме да си ги дозволиме. Вкусувајќи ги последните голти од овој едноставен, а магичен напиток, донесувам заклучоци во себе. Ќе ви откријам една тајна, а таа е дека не сакам да го пијам додека е врел. Ниту премногу топол. Кој сака да си го гори јазикот додека пие течност? Јас не сум една од тие. Чекам да достигне одредена температура пред да го консумирам. Најмногу ми годи покрај читање книга, но од денес е главен напиток при пишување.
Време е на кафето да му се даде малку пауза и да се симне од тронот. Има нешто во магливата пареа што излегува од чајот. Кога ќе најдам соодветни зборови за да опишам што друго гледам во неа, со задоволство ќе го сторам тоа. Најважно е дека со една шолја чај може да се донесат важни животни одлуки. Е затоа не се потценува пиењето чај. Никогаш не се знае што може да се заклучи после првата, а што после последната голтка. Дотогаш, уживајте во секоја голта чај или кафе, читајте добри книги, не го заборавајте и блогов. До следно!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.