Зарем ти би ми го ранил телото во кое најде страст и топлина?
Покривајќи го со ладни облоги од кои тешко топлината моја ќе успее да опстане.
Зарем ти би ми го ранил срцето во кое твојот дом и твоето постоење е вечно вкоренето во него?
Зарем ти би ми ги покрил очите со црн превез на измама кога во нив е најдобрата рефлексија од тебе ?
Зарем би живеел додека мојата уста ја соши со конци со кои го спречи прекорот, а воедно и зборовите кои ќе те утешеа во болните мигови?
Зарем знаеш да ја најдеш средината помеѓу небото и земјата?
Би сакал да те држам на земја но истовремено и копнееш за небото.
Молкот всадува сомнежи, а вресокот одамна остана проголтан низ виорот на животот.
Моето срце сè уште љубезно како да му се обраќа на туѓинец како за првпат, со обид за да вдахне живот во човекот кој камен се сторил.
Длабоко во себе знам во болката има и нешто ослободувачко.
Крилата кои изникнуваат од сите ножови забиени за мојот грб ќе ме однесат кон врвот каде што понекогаш е осамено, но погледот е убав.
А јас ќе мечтаам за топла прегратка заборавајќи ги сите лекции љубовни.
Срцето повторно ќе се реновира како никој да не живеел порано во него.
Превезот ќе падне, а телото ќе оживее.
Мојот глас ќе ја пронајде вистинската мелодија за пеење и прославување на љубовта.
Но ти само едно знај треба да си доволно среќен за да имаш некој посебен во твојот живот за да останеш нормален.
Јас тоа го научив одамна.
Јелена Ѓиноска