Не можат да ме обвинат за стиховите,
за сите зборови кои ти ги поклонив,
за времето кое ти го посветив,
заради тоа што низ песните мои
бeсмртност ти дадов.
Само јас одлучувам кому стихови ќе напишам.
Не можат да ме обвинат за копнежот,
за желбата моја по тебе,
за сите измечтаени заеднички ноќи,
за секоја замислена прва средба.
Мислите ми се слободни,
само јас одлучувам каде ќе патуваат.
Не можат да ме обвинат за насмевките,
за радоста што в душа ми се буди
секогаш кога гласот ќе ти го слушнам,
секогаш кога со помислата на тебе ќе се разбудам.
Само срцево одлучува на што може да се радува.
Нека ме обвинат што те љубам,
нека ме осудат,
прст во мене нека вперат.
Нека кажат дека сум погрешила.
Дека сум можела сто пати подобар да имам.
Аман, нека ме обвинат што те љубам.
Зар виновен е човек ако љуби?
Зар виновен е, ако љуби,
па макар и погрешно?
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.