Дента кога ја запознав, животов ми се преврте наопаку. Од еден поглед се заљубив. На враќање, носејќи глупава насмевка и вкупно сто педесет денари, застанав на една од многуте тезги долж Мавровка чиј сопственик беше еден многу стар дедичко со бела брада, неколку заба и фес на главата.
Продаваше разни дрангулии, ама мене в очи ми падна металниот рачен саат со неколку гребнатинки по стаклото.
“Не работи сине, допрен е.” Ми рече дедото.
“Ако.” Реков и го ставив на рака.
Дента кога ја запознав купив саат. Дента кога ја запознав, сите пари во мене ги дадов за саат заглавен во времето и тоа си го сфатив симболично. Осеќав некако во себе дека ќе ја сакам сѐ додека сказалките магично не проработат. Имав шеснаесет години тогаш.
Имав седумнаесет кога му кажав на кумот.
“Зошто баш таа?”
“Не знам куме. Џабе да пробам да објаснам. Очите ми се познати. Очите ѝ се најубави.” Одговорив гледајќи во кумот кој тивко издиша.
“Тешко ти е?” По неколку минути ме праша.
“Претерано.” Одговорив.
“Ај ваљда ќе помине.”
“Ваљда.” Реков.
Премолчев за саатот.
Не помина. Четири години поминаа, ама тоа не помина. Во ист град ко странци. Некогаш со здраво и насмевка, некогаш ќе поминевме и со тишина.
Се давев во емоции. Ни ваму ни таму. Ниту да ѝ кажам, ниту да премолчам. Не ѝ кажав. Посреќна беше со други, сакав така и да остане. Ни пола не можев да ѝ дадам од она што од нив го добиваше. Посреќна беше, така требаше и да остане.
Петата година работите веќе почнаа помалку да се менуваат. Не дека не ја сакав, ако нешто, ја сакав многу повеќе од порано и баш затоа полека сфатив дека мора да ја пуштам. Не беше за мене, не бев за за неа. Отворен крај на една непостоечка приказна.
Имав дваесет и една година кога теретот ми падна од градите. Бев каj кумот. На ТВ одеше некоја скапана утакмица, на масата стоеше пивото неиспиено.
“Кај ти е саатот?” Ме праша кумот одеднаш. Пребледев. Се засмеа. “Едвај успеав да ти го џапнам прошла недела додека ги миеше садовите. Не можев веќе да гледам како носиш допрен саат, па ти зедов батерија.” Го извади саатот од една фиока и ми го стави на рака не знаејќи што навистина направи и како ме ослободи.
Дента кога ја запознав и засакав запрев во времето. Дента кога разбрав што навистина значи да сакаш продолжив со животот.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.