Думам — вие еднаш ми зборевте нешто,
но не думам веќе што и како било,
и залудно да се присетувам сега —
сивило се свило, споменот го скрило.
Думам само — беше на полноќ во Раец,
чкртаа по патот кираџиски коли
и штуркаа, ѕвезди, еднолично штурци
со глас што се моли за тивнати боли.
О ѕвездено небо, мислев дека мој е
зборот како тајна што во мене ѕуни.
Но залудно да се присетувам сега —
зошто да ме буни звук на глуви струни?
Го паметам само тиквешкиот говор
на колари пеши крај чкрипливи коли,
само она тивко штуркање во Раец
и глас што се моли за далечни боли.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.