Ќе сретнеш еден таков.
Со ѕвезди во очите.
Со широка насмевка.
Еден што од умот ќе те извади.
Па ќе сакаш да му дадеш сè
што никому не си дала,
само не верувам дека тој ќе сака да земе.
Такви се незаборавните.
Диви.
Слободни.
Со луд поглед.
Со блескави очи ко ѕвезди.
Со насмевка, поубава од сите изгрејсонца.
И ќе продолжиш без него.
Не оти не го сакаш.
Не оти за друг копнееш.
Туку оти мораш без него.
Ќе сфатиш дека нема поента да чекаш
некој што нема да дојде,
а пак на него цел живот ќе се надеваш.
Жените знаат дека мора да продолжат.
Знаат дека кога сака само еден не е доволно.
Затоа мажите мислат
дека машката љубов е посилна од женската.
Глупости!
Знаеш дека мораш без љубениот.
Затоа ќе љубиш други.
Ќе те љубат други.
Кожата ќе ти се пара од нивните допири.
Уторбата ќе сакаш да си ја искорнеш
оти плодот внатре
нема да е од оној кој ти е во срцето,
ама ти ќе продолжиш.
Знаеш дека мораш да продолжиш.
Нему ќе му го дадеш името негово.
Ќе те боли.
Ќе те пече.
И тага и среќа ќе те обзема секогаш
кога името на синот ќе му го изговараш.
Некогаш ќе посакуваш да раскажеш сè.
Но ти ќе продолжиш, молчејќи.
Со камен на срце.
Оти мораш.
Со текот на времето ќе боли помалку.
Ќе му ги заборавиш и очите
и гласот
и погледот.
Ама нема да ги заборавиш чувствата
кои ти ги предизвикал.
Еден ден, бесот и болката
ќе ја надвладеат љубовта.
Дури и да не сакаш,
ти ќе го заборавиш.
Оти без него ќе продолжиш напред,
низ животот.
Само така незаборавните тонат во заборав.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.