Оскар Фингал О’Флаерти Вилс Вајлд (Даблин, 16 октомври 1854 – Париз, 30 ноември 1900) e ирски драмски писател, поет, раскажувач и автор на еден роман. Познат по неговата зајадлива досетливост, станал еден од најуспешните драмски писатели на доцната викторијанска епоха во Лондон, како и една од најпознатите личности на неговото време. Негови најпознати дела се комедијата „Ладалото на Леди Виндермир“, „Важно е да се викаш Ернест“, „Идеален маж“ и романот „Сликата на Доријан Греј“. Неколку од неговите драми и понатаму често се изведуваат, особено „Важно е да се викаш Ернест“ (англиски: The Importance of Being Earnest).
Животопис
Оскар Вајлд е роден на 16 октомври 1854 година како Оскар Фингал О’Флаерти Вилс Вајлд (Oscar Fingall O’Flahertie Wills Wilde), иако тој самиот често го наведувал податокот дека се родил во 1856 година. Тоа не е точно, но тој успеал во многу биографии да ја вметне оваа година како година на неговото раѓање, а причините за тоа не се познати. Тој бил помладиот син во англоирското семејство на сер Вилијам Вајлд и неговата сопруга Џејн Франческа Елги чиј псевдоним бил Сперанца. Семејството Вајлд живеело на 21 Вестланд Роу во Даблин.
Џејн била успешна писателка и поетеса за револуционерното движење на Млада Ирска во 1848 година и доживотна ирска националистка. Сер Вилијам бил главен ото-офталмички хирург (хирург за уво и око) во Ирска, а во 1864 година бил прогласен за витез за неговите заслуги во медицината. Вилијам напишал и книги за археологијата и фолклорот. Тој бил прочуен филантроп, а неговиот диспанзер за грижа на сиромашните во градот, кој се наоѓал во Линколн Плејс, зад колеџот „Тринити“, Даблин, бил претходникот на даблинската болница за око и уво, која сега се наоѓа на Аделејд Роуд (англиски: Adelaide Road).
Покажувал интерес за грчката литература
По заминувањето од Портора, од 1871 година до 1874 година, Вајлд ги изучувал класичните науки во колеџот „Тринити“ во Даблин, каде две години делел соба со својот постар брат Вили Вајлд. Неговиот тутор, Џон Пентланд Магафи, главниот научник за древна Грција на Тринити, го пробудил неговиот интерес за грчката литература. Вајлд бил извонреден студент и го освоил златниот медал на Беркли, највисоката награда што можат да ја добијат студентите на класичните науки во Тринити. Исто така, тој добил стипендија за колеџот „Магдален“ во Оксфорд, каде ги продолжил своите студии од 1874 година до 1878 година и каде станал дел од естетското движење чие начело било да се направи уметност од животот. Во 1875 година, Вајлд ја посетил Италија и ја објавил својата прва песна (превод од грчки јазик), а следната година умрел татко му. Во 1877 година, повторно ја посетил Италија, овојпат заедно со професорот Махафи .
Вајлд имал несреќен однос со престижната Оксфордска унија. При запишувањето на високата школа во есента 1874 година, Вајлд поднесол барање за да се приклучи на Унијата, но не бил избран. Кога библиотекарот на Унијата побарал бесплатен примерок од „Поеми“ (1881), Вајлд се согласил. По расправа свикана од Оливер Елтон, подарокот бил осуден за наводен плагијат и бил вратен.
Ја освоил наградата Њјудигејт за неговата поема „Равена“
Додека бил во „Магдален“ во 1878 година, ја освоил година наградата Њјудигејт за неговата поема „Равена“, која ја прочитал гласно на Енсинија. Меѓутоа, не успеал да ја освои Ректорската награда за англиски есеј, за есејот што ќе биде посмртно објавен како „Подемот на историската критика“. Во ноември 1878 година, дипломирал на двопредметна група по дипломски испити за класични науки и класични студии и студии по филозофија. Во 1882 година, Вајлд заминал во Њујорк, каде поминал речиси една година. Следната година, тој предавал во Англија, а истата година заминал во Париз, заедно со Роберт Шерард, а потоа повторно заминал во САД.
На 29 мај 1884 година, во Лондон, се оженил со Констанс Лојд , а медениот месец го поминале во Париз. Во 1887 година станал уредник на списанието Woman’s World. На почетокот на април 1895 година, Вајлд бил уапсен под обвинение дека направил „тешко бесрамно дело со друго машко лице“. По двете судења одржани во текот на мај, тој бил осуден на затворска казна во траење од две години со присилна работа. Казната ја служел најпрвин во затворот во Вондсворт, а потоа бил префрлен во Рединг. Во 1896 година умрела неговата мајка.
Во 1897 година, при крајот на издржувањето на казната, му било дозволено да пишува во затворот. Вајлд бил ослободен на 19 мај 1897 година и веднаш заминал во Франција, а следната година умрела неговата сопруга. Во 1899 година ја посетил Англија и патувал низ Швајцарија, Италија и Франција. Во август 1900 година се вратил во Париз, а во октомври бил опериран. Еден ден пред смртта преминал во католицизам, а умрел на 30 ноември 1900 година. Вајлд бил закопан на париските гробишта.
Брак и семејство
Откако дипломирал во Оксфорд, Вајлд се вратил во Даблин, каде ја запознал и ѝ се додворувал на Флоренс Балкомб. Меѓутоа, таа била свршена со писателот Брам Стокер. Кога чул за нејзината веридба, Вајлд ѝ пишал дека намерава засекогаш да ја напушти Ирска. Заминал во 1878 година, а во својата родна земја се вратил само двапати за кратки посети. Следните шест години ги поминал во Лондон и Париз, како и во САД каде патувал за да одржи предавања. Во Лондон ја запознал Констанца Лојд, ќерка на богатиот Хорациј Лојд, адвокат на кралскиот двор. Во 1884 година, таа го посетила Даблин истовремено кога Вајлд бил во градот за да одржи предавања во театарот Гејети. Ја побарал за жена и се земале на 29 мај 1884 година во Падингтон, Лондон. Надоместокот на Констанца од 250 фунти му овозможил на семејството Вајлд да живее луксузно. Двојката имала два сина, Сирил (1885) и Вивијан (1886).
По падот на Вајлд, Констанца и неговите синови си го смениле презимето во Холанд. Таа умрела во 1898 година, по операција на грбот, а погребана е во Монументалната гробница во Џенова, Италија. Сирил бил убиен во Франција во Првата светска војна. Вивијан исто така служел војска во војната, а подоцна станал автор и преведувач. Во 1954 година ги објавил своите мемоари. Синот на Вивијан, Мерлин Холанд, издал и објавил повеќе дела на својот дедо. Внуката на Вајлд, Доли Вајлд, имала подолга лезбиска врска со писателката Натали Клифорд Барни.
Сексуалност
Иако сексуалната склоност на Вајлд од некои била определена како бисексуална, а од други како хомосексуална, Вајлд чувствувал дека припаѓал на култура на машка љубов поттикната од грчката педерастична традиција. При опишувањето на својот сексуален идентитет, Вајлд го употребил терминот Сократски. Можно е да имал сексуални односи со (во хронолошки редослед) Френк Мајлс, Констанца Лојд (неговата жена), Роберт Болдвин Рос и лорд Алфред Даглас („Боси“). Вајлд имал и бројни интимни средби со млади момчиња од работничката класа, кои често биле и платени љубовници.
Во 1882 година во Америка, Вајлд се запознал и со Волт Витман, а на еден пријател му напишал дека „не се сомнева“ во сексуалната склоност на големиот американски поет – „Сè уште го имам бакнежот од Волт Витман на усниве“, се пофалил. Дури живеел и со сликарот Френк Мајлс, кој неколку години бил негов претпоставен, а се верува дека биле љубовници. Меѓутоа, пишува Мекена, Вајлд некогаш бил несреќен од насоката на неговите сексуални и романтични желби и во надеж дека бракот ќе го „излечи“, во 1884 година се оженил со Констанца Лојд. Некои критичари го критикувале објаснувањето како премногу спекулативно, иако не е неверојатно.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.