Данило Киш (Суботица, 22 февруари 1935 – Париз, 15 октомври 1989) e југословенски и српски писател, еден од најголемите писатeли во втората половина на 20 век. Киш е еден од најинтересните писатели на балканските простори од тој период, кој со своите несекојдневни прозни остварувања доживеал успех и на светската книжевна сцена. Неговите смели раскажувачки постапки колку што биле прифаќани и одобрувани исто толку биле и причина за полемички однос кај дел од тогашните критичари.
Годинава на македонски јазик беше промовирана неговата најчитана книга „Рани јадови“ во издание на „Прозарт медиа“ од Скопје.
Кратка биографија
Данило Киш е роден во Суботица во 1935 година, од татко Едвард Киш, унгарски Евреин и мајка Милица Драгичевиќ, која била Црногорка. Татковото презиме отпрвин било Кон, но таткото го променил во унгарското Киш. До 1942 година, Киш живеел со родителите во Нови Сад, каде го започнал основното образование, но потоа, семејството се преселило во Унгарија, во родниот крај на татко му. Таму Киш го завршил основното училиште и два класа гимназија. По одведувањето на татко му во логорот Аушвиц во 1944 година, Данило Киш, заедно со остатокот на семејството бил однесен во Цетиње со посредство на Црвен крст. Таму, Данило Киш живеел до крајот на своето образование.
Високо образование, работа и брак
Во 1954 се запишал на Филозофскиот факултет во Белград, а во септември 1958 година, како прв студент, дипломирал на Катедрата за општа книжевност. Од 1962 до 1964 година, Киш престојувал во Стразбур, каде работел како лектор за српскохрватски јазик. Подоцна, во 1974 година, тој работел како лектор за српскохрватски јазик на Универзитетот во Бордо.
Од 1962 до 1981 година бил во брак со Мирјана Миочиновиќ, а по разводот живеел со Паскал Делпеш, сè до својата смрт. Од 1979 година, Киш живеел во Париз и четири години работел како лектор на Универзитетот во Лил. Данило Киш починал на 15 октомври 1989 година, во Париз, каде одредено време се лекувал од рак на белите дробови.
Творештвото на Киш
Уште како студент, Киш објавувал поеми, есеи, раскази и преводи од унгарски, руски и француски јазик, најчесто во списанието Видици чиј уредник бил од 1957 до 1960 година. Неговиот прв роман, „Псалм 44“, го напишал во 1955 година, а потоа следело делото „Мансарда“, 1960. Првата негова објавена книга, во еден том ги содржи и двата романа.
Романот „Градина, пепел“ е првото позначајно прозно дело на Киш, објавено во 1965 година, во Белград. Романот бил напишан во тек на неговиот престој во Стразбур, а во тоа време работел и на преводите на Лотреамон, Пол Верлен, „Стилски вежби“ од Ремон Кено и поезијата на Ендре Ади. Во 1970 година, во Белград, Киш ја објавил книгата раскази „Рани јадови“. Потоа, во 1972 година се појавил романот „Песочен часовник“ и за него Киш ја добил НИН-овата награда која неколку години подоцна ја вратил. Истата година, тој ја објавил збирката есеи „По-етика“.
Збирката раскази „Гробница за Борис Давидович“ била критикувана за наводен плагијат
Во 1974 година ја објавил и втората збирка „По-етика (интервјуа)“, а две години подоцна се појавила и збирката раскази „Гробница за Борис Давидович“. Истата година започнале нападите врз книгата, поради наводен плагијат, кои траеле со месеци. По кратките полемички одговори, во 1977 година, Киш го напишал делото „Час по анатомија“. Истата година, за „Гробницата на Борис Давидович“ ја добил наградата „Иван Горан Ковачиќ“.
Награди и признанија
За својот севкупен книжевен труд, во 1980 година, Киш ја добил француската книжевна награда Grand aigle d`or de la ville de Nice. Собраните дела на Данило Киш биле објавени во 1983 година, во десет тома, во Белград и во Загреб. За збирката раскази „Енциклопедија на мртвите“, Киш ја добил наградата Иво Андриќ во 1984 година, а во 1986 и наградата Скендер Куленовиќ.
Неговите изабрани дела, проза во седум книги, биле објавени во 1987 година, во Белград и во Сараево. Таа година, Киш ја добил наградата „7 јули“ а во 1988 година бил избран за дописен член на САНУ и добил две важни меѓународни награди: во Италија Premio letterario Tevere и во Германија Preis des Literaturmagazins. Истата година ја добил наградата „АВНОЈ“. Американскиот ПЕН во 1989 година му ја доделил наградата Bruno Schulz Prize.
Неговите посмртни изданија се: „Живот, литература“ (есеи, разговори, дел ракописи), Сараево (1990), „Горчливиот талог на искуството“ (интервјуа), Сараево (1990), „Песни и препеви“, Белград (1991), „Семеен циклус“ (1993) (ги содржи: „Рани јадови“, „Градина, пепел“ и „Песочен часовник“), „Лејта и лузни“, Белград (1994), „Собрани дела“ во 14 тома (1995) и „Избрани дела“ во седум тома, Белград (2015-2016)
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.