Есен е, тмурна, дождлива, но уживам во неа. Уживам, можеби затоа што капките дожд се вклопуваат совршено со моите солзи или затоа што лисјата под нозете крцкаат како моето срце кое се бори за живот. Уживам во сите тие мириси на ајвар, на дожд, на почва. Дури и уживам додека гледам како некое црвче се бори да премине на другата страна, а да не биде прегазено. Е баш тоа сум јас, црвче, незабележително, само, на дожд. Се бори да преживее, додека капките дожд го убиваат, но не се откажува. Некогаш се прашувам за што ли се борам, дали вреди да се борам, дали на крајот од сета оваа борба има светлина или уште поголема темнина?
И се губам во просторијата, се губам сè уште низ толпата, низ капките дожд, низ тунелот кој нема крај. И додека лутам и се губам во толпата, и сфаќам дека можеби сум несреќна и празна, низ мислите ми поминуваат прекрасните две реченици на Драган Таневски, вели вака: “Не прашувај зошто се осеќаш толку празно. Длабока душа не можеш да наполниш со плитки луѓе.”. И сфаќаш дека треба да се пронајдеш себеси и да не луташ меѓу тие намуртени лица, да не бидеш дел од толпата, и одлучуваш да скршнеш лево. А овие две реченици ќе бидат твоја водилка, бидејќи патот е само твој.
На тој пат си сам, и со причина си се родил сам, бидејќи сам треба да се бориш, ова е живот. А животот е само едно борбено поле, меѓу тагата и среќата, разочарувањето и прифаќањето на судбината. Животот е една цветна градина во која има ружи, онакви најубави, но не можеш да ги допреш, ќе се боцнеш. Животот е за да паднеш и да станеш посилен. Животот е за да се најдеш себеси доволен за да ја пополниш празнината која ја чувствуваш. Постојано ќе слушаш не си сам, но сам си, и тоа е доволно за да бидеш среќен.
Покрај толку ружи се прашувам каде е мирисот на среќа, на надеж? А гледам надеж во секого, но не гледам среќа. Надежта е онаа која нè одржува во живот, но среќата е она за кое се живее. Јас без среќа сум само фигура, црно-бела, која талка бесцелно. Фигура која стои во аголот, врзана таму во некој свет на темнина. Не може да направи чекор и да влезе во нешто розово, а на чекор од неа е тоа розовото. И собираш храброст го правиш првиот чекор, скршнуваш од толпата, и сфаќаш дека среќата е во мали нешта.
Среќа е кога мојата омилена цвеќарка ќе ми подари ружа, среќа е кога мојата продавачка ќе се насмее и ќе ми каже: “Денес си најубава”, а тоа ми го кажува секој ден. Среќа е кога ти ќе му фрлиш една насмевка на случаен минувач кој е смуртен, барем ќе размислува зошто си му се насмеал цел ден ако не успееш да го насмееш. Среќата е во тебе, можеби е скриена во левата комора од твоето срце или во бронхиите на белите дробови. Можеби е скриена во твоето рамо, па кога случајно ќе се судриш со некое друго рамо ќе почне да врши функција.
И не ја барајте среќата во празни души. Наполни ја својата со ситници. Ситниците се оние најголеми работи. Среќата е есен, со сите тие бои, со сите тие мириси. Со сите тие чувства, со сите дождови и невреме, но и со сонце кое прави виножито. Среќата е есен за онај кој знае да ужива во неа.
Ива Марија Зероска