Skip to content

Соголување – Лина Димоска

Пред тебе се соблеков
како пред ниту една претходно.
Си ја одрав кожата.
Си ги откорнав ткивата.
Коска по коска се дробев
само за да можеш да ме видиш.
Да можеш да ми ја видиш душата.
Да можеш да видиш сè што не е физички.
Се плашев.
Се плашев, признавам!
И сега сигурно се прашуваш
кој маж денес се плаши од соблекување?
Јас.
Еве, јас се плашев!
Не се плашев да ја соблечам облеката.
Се плашев целосно да се соголам.
Да бидам скроз гол.
Кога се соблеков пред тебе
како пред ниту една друга,
разбрав.
Разбрав зошто го правам тоа.
Се соблеков оти и ти пред мене се соголи
како никогаш претходно.
Целосно.
И така, скроз соголени,
разговараме,
водиме љубов,
водиме битки.
Се бориме против сето она
што нè тера пак да се облечеме.

P.S. Убава си ко ќе си гола.

Напишете коментар