Skip to content

Блаже Конески – Григор Прличев

1. НОЖ

За ова срце сегде острат нож
А ножот веќе забоден е внатре —
И стига само да се засмеам,
Ќе сетам веднаш колку длабоко
Ме пронижал, со колку танки жилки
На остра болка в гради ’ртил тој.
И тогаш реско усетувам дека
Сум избран — сета невола и тага
И сета ропска потиштеност грда
На еден народ да ја истрадам,
Молчаливо и тврдо да ја носам.

И бележен со некој пален знак
Јас треба да ја сетам цената
На секој подвиг што напред нѐ води,
Дволичноста на сека победа.
О браќа, знајте — не само од подлост
Жабурлива јас страдам, што ја газам, —
А тајна чува мојот мрачен молк.

2. ПАТНИК

Јас, суров нервчик, еве гаснам веќе
И божем газам на мраморна плоча.
Црнице сбогум, подгрбена мајко,
Го надживе ти својот скрбен син,
И вие збогум, о петрински лозја,
Со претчувство на ново трпко вино!
Но вие, штири, со кибарни куќи
Во кои млачно мусандрите дишат,
Баздриѓани, туѓ меѓу вас сум бил,
Сум живеел во хмурна меланхолија.
Ве тревожев ко патник што на полноќ
Застанува пред портите да клука.
Ме гоневте — рамнодушни и злобни —
А сега дури и гробјето ваши
Пак ќе го гонат мојот суров гроб,
И вземи туѓ и притеснет ќе бидам
Сѐ дур не дојде едно ново племе
Што ќе ме сака и прославува.

Напишете коментар