(Тема 1: Соживот)
Неколку месеци пред почетокот на Втората Светска војна во Југославија, се разболев од ретка болест што ги напаѓа дишните патишта. Татко ми ме однесе на сите можни лекари во: Штип, Скопје, Солун и Софија, сите до еден креваа рамења и не можеа да најдат лек за мојата болест. За неколку дена требаше да наполнам осум години. Со денови лежев и ја гледав мајка ми како скриена во некое ќоше неуморно плаче, а навечер ги слушав, иако не ги разбирав тивките разговори со татко ми. Една снежна зимска ноќ слушнав:
– Успеав на телефон да ги добијам пријателите од Швајцарија, ми предложија да ја однесам кај нив во Женева. Постоеле специјализирани болници за болеста на нашата Хана, те молам не очајувај! Пари не ни недостасуваат, ако треба ќе го дадам целото богатство, само детето да си го спасиме. Работата добро ни оди и повторно ќе заработиме. Ти остани дома со синовите, а ние со Хана уште утре ќе одиме за Скопје, а потоа со воз некако ќе стигнеме во Швајцарија – со мирен и охрабрувачки тон и зборуваше на мајка ми.
Додека надвор студот тивко лазеше и мразот го заледи целиот град, во моето малечко срце пролетта дојде. Во мислите си направив прекрасно сценарио: веќе е крајот на април, а јас доаѓам дома оздравена и силна. Ја пуштам раката на татко ми и трчам да ја гушнам мајка ми, помалите браќа ги штипкам кои прилично пораснале, најдобрата другарка Јана и сите соседи што нестрпливо ме чекаат. Во нашата куќа исто како некогаш царува среќата, а, мајка ми, овојпат лее солзи радосници.
Се сеќавам на сплотеноста и меѓусебното разбирање кое го негувавме со нашите соседи, уште како деца научивме да не се делиме. Ние, еврејски деца другарувавме со: македонски, српски и дечиња од влашка националност. Моите родители беа редовни гости кај соседите на Божик, Велигден и други куќни слави, а тие со нас празнуваа Ханука, Пасха, Шабат…Убаво ги паметам загрижените лица на родителите и соседите кога на Радио ќе слушнеа вести од Полска. Таму во виорот на војната Евреите биле приморани да носат жолти ѕвезди на реверите, ги затвориле во гета и биле третирани полошо и од животните. Ќе се најдеше некој да даде трошка надеж, дека тоа се лажни вести и дезинформации.
Токму на една заедничка седенка настанала и оваа фотографија. Овде се моите родители и роднини, чичко ми Езра, стрина ми Хава, нивните деца Емануел и Моше, ќерќите Нава и Леа, кои беа вистински убавици. Тука се нашите македонски соседи: Киро, Ванѓа, Јане и Рајна, а има некои од соседното маало. Таткото на Јана е овде, само ние две веројатно повеќе сме сакале да си играме, отколку да се сликаме. Моите браќа исто така не се на фотографијата.
Уште следното утро со татко ми тргнавме на пат за Женева. На дел од патот не сакам ниту да се сеќавам, никако не можев да го разберам непријателското однесување на дел од патниците и персоналот. Во возот не ни дозволија да се сместиме во купе за спиење. Бев дете и не знаев дека единствена наша грешка е што сме Евреи. Татко ми по патот постојано зборуваше дека бргу ќе стигнеме, на моменти кога едвај стоев на нозе ќе ме земеше во раце и со часови така ме држеше. По низа перипетии со првото стапнување во Женева, како да не огреа сонце.
Нашите пријатели убаво нè угостија, дури, лекарите и целиот медицински кадар беа пријателски расположени. Се сеќавам дека два месеци поминав во болницата, дишењето ми се подобри, убаво ме негуваа и резултатите за моето оздравување беа оптимистички. Еден ден дојде татко ми, беше многу тажен и со треперлив глас ми соопшти:
– Морам да се вратам во Македонија, дете мое. Се појавија некои проблеми на работата, затоа ќе отидам да ги решaм. Ќе те посетуваат пријателите и кога ќе излезеш за кратко од болница, тие ќе те одведат во нивниот дом. Следниот месец, ти ветувам дека ќе дојдам да те земам.
Солзите ми беа на очите, но, некако успеав да ги потиснам длабоко во себе. Го прегрнав силно, му кажав дека не сум повеќе болна, дека ќе го чекам денот кога повторно ќе бидеме сите заедно. Му кажав дека Жана и Жан се пријатни луѓе и не треба да биде загрижен за мене. Татко ми долго време не можеше да се раздели од мене, ќе ме гушнеше еднаш и повторно ќе се вратеше, и повторно, за конечно да си замине. Можеби, инстинктот нешто друго му зборуваше?
По заминувањето на татко ми, грижата за мене ја презедоа Жана и Жан. Иако не разбирав француски јазик, по нивниот начин на однесување видов дека се прекрасни луѓе. Немаа свои деца и целото внимание и љубов ми ја даваа. Сепак, со нетрпение чекав да дојде татко ми и да ме однесе дома. Со детска возбуда и нетрпеливост, веќе им ги замислував лицата кога ќе ме видат жива и здрава, токму како во сценариото кое го направив пред три месеца.
Тогаш се случи бомбардирањето на Југославија, сите патувања беа одложени и никој не знаеше кога повторно ќе може слободно да се патува. Ветувањето што ми го даде татко ми, не можеше да го исполни. Се сеќавам дека по неколку месеци се слушнавме на телефон, всушност тоа беше последниот наш контакт. Жана и Жан ме тешеа дека војната бргу ќе заврши, а бидејќи Швајцарија остана неутрална земја, беа поштедени од војната. По неколку месеци тргнав на училиште, бев тажна од новонастанатата ситуација, сепак учењето лесно ми одеше и на француски јазик почнав да зборувам..
Иако живеев во убава и пространа куќа, имав соба полна со играчки, сето тоа без размислување би го напуштила, само да можев да бидам со мојата фамилија. Најмногу се плашев зашто долго време немаше ни трага ни глас од нив. Тогаш, телефонските врски беа слаби и постојано се прекинуваа. Луѓето кои ме чуваа ме тешеа:
– Светот е во војна, мила Хана! Тие знаат дека си на сигурно и кога ќе имаат прилика ќе дојдат по тебе.
Пред да си замине татко ми случајно или намерно ја оставил фотографијата за која зборував, па, во моменти на слабост и носталгија, ги гледав насмеаните лица на моите блиски. Тоа ми беше единствената врска со нив.
По четири години војната конечно заврши а јас сè уште бев во Женева. „Кога ќе дојде татко ми дa ме земе?” – тоа беше најчестата реченица која со години секој ден, им ја поставував на луѓето кои ми беа замена за родители. И тие не го знаеја одговорот, сѐ до моментот кога со скаменети лица се обидуваа да ми ја соопштат лошата вест. Жан, се сеќавам дека пелтечеше од тага, а, Жана само плачеше. Неколку минути се гледаа,на крајот тој го почна мачниот разговор:
– Мило дете, ние четири години залудно сме се надевале………сите Евреи од Македонија и дел од Европа биле однесени во Треблинка. Тоа било страшен логор…..ииии…..таму сите до еден биле убиени. Од Штип, случајно се спасила само една фамилија. И, ти!
Викнав најсилно што можам:” Како можеле да ме остават и да заминат без мене?! Како ќе живеам сега без нив? Себични….себични. Не сакам повеќе да слушнам за нив, никогаш……никогаш.”
Ниту еден ден не помина за тие четири години, да не ја потенцирам бесконечната љубов кон фамилијата, затоа со неверување Жана и Жан ја гледаа мојата реакција. Наместо солзи и тага по мртвите, јас си ја оплакував сопствената болка.
– Немој така Хана! Зарем се виновни што насилно ги зеле од домовите и ги однеле директно во смрт. Тоа се бескрајно трагични судбини – шепотеше Жана.
“Да дојдеше татко ми само неколку дена порано и јас ќе бев дел од нив. Ама не дојде! Дали сакате да ме посвоите, ве молам! Не сакам да бидам Еврејка, сакам да бидам ваша ќерка” – урлав на глас. Двајцата се согласија да ме посвојат, но, се плашеа за мојата психичка состојба. Подоцна, прилично смирена отидов во мојата соба и ја искинав фотографијата што ја чував како Тората. Ја искинав на толку ситни делчиња, кои никој и никогаш не ќе може да ги состави. Самата на себе си ветив дека засекогаш ќе ги избришам од сеќавање. Имав дванаесет години и голема рана на срцето која не знаев дали ќе ја излечам.
Во годините што следуваа, живеев, навидум мирен и спокоен живот. Имав нови родители на кои не можев да им најдам замерка, станав Французунка, живеев по убав и модерен град и не сакав да се потсетувам на своите корени. На родителите им забранив да ми зборуваат за моето еврејско потекло и не сакав со Евреи да контактирам. Со сите сили се обидов да бидам тоа што не сум, а, срцето ми беше оковано во мраз. Многу често на сон ми се појавуваа членовите од фамилијата, иако не сакав да размислувам за нив. Скоро секоја ноќ имав кошмарни сни. Јас се откажав од нив, а тие ми велеа дека сум дел од нив и нема да се откажат од мене.
По завршување на Правниот факултет се вработив, таму го запознав Исак. Уште на прв поглед ми се допадна, беше висок, интелигентен и претставителен човек. Сè до моментот кога разбрав дека бил Евреин, буквално не ги тргав очите од него. Моето разочарување стана големо кога слушнав за неговата верска припадност, затоа не сакав повеќе да се гледам со него. Тој се изненади од мојата одлука, но, ме замоли да се видиме и за последен пат да поразговараме. Се согласив!
Не бев среќна што треба да се разделам од Исак, мислам дека ја најдов мојата сродна душа, но, кога срцето ќе ти биде оковано во мраз, се обврзуваш на живот без: љубов, емпатија, соништа, мечти…
– Не можев да претпоставам дека девојка со образование како твоето ќе има такви предрасуди – многу одлучно зборуваше Исак.
– Знам за твоето потекло и за загубата што си ја доживеала за време на војната, единствено не можам да разберам како можеш да се откажеш од своите корени и припадност. Од една Французинка, како што се декларираш, очекував да не ги делиш луѓето по вери и нации. Најстрашно е да си ја негираш сопствената нација!
– Светот не се врти околу тебе, Хана! Не мислев дека си толку себична, зарем додека си уживала во луксузот кај Жана и Жан, ниту еднаш не помисли во какви маки умрела твојата фамилија. Зарем ниту еднаш не почувствува благодарност за животот кој благодарение на татко ти го живееш? Или си заслепена од бес, кој искрено не можам да го разберам.
Откако го кажа своето мислење, Исак без да се збогува си замина од кафетеријата. Останав уште долго да седам и да размислувам за зборовите што како ехо ми зуеја во главата. Некако природно ми дојде наместо да се вратам дома, да отидам кај Исак. Стоев засрамено пред неговата врата,”те молам помогни ми! Не сум среќна!” – прошепотив. Исак, помалку збунет ме фати за рака и никогаш не се разделивме повеќе. Набргу се венчавме, а Жана и Жан беа пресреќни и ми кажаа дека мразот во моето срце, полека почнал да се одмрзнува.
Кошмарите што со години ги имав никако не престануваа, затоа Исак ми предложи да заминеме во мојот роден град, да ја видам куќата во која сум родена, ако сè уште постои. Бев исплашена од чувствата кои можат да ми се јават, сепак се согласив и заминавме со воз за Скопје. По патот ми се вратија спомените кога пред дваесет години со татко ми го одевме истиот пат, сега во обратна насока.
Кога стигнавме во градот под Исарот, срцето забрзано ми чукаше. Исак беше тука да ме охрабрува и бодри, тоа во тој миг многу ми значеше. Градот, по толку години беше изменет, но, родната куќа можев во сон да ја познаам. Се израдував кога забележав дека не е срушена. Ја собрав целата храброст и посакав сама да се соочам со спомените од минатото.
Тропнав на големата дрвена врата, на неа уште стоеја изгравирани нашите имиња, моето, на моите браќа и имињата на децата на чичко ми Езра. Уште на почетокот нозете ми се стресоа и се покајав што стапнав таму, сакав да се откажам, но веќе беше касно. Вратата ја отвори млада жена со едно дете во рацете и друго во стомакот. Се гледавме неколку минути, потоа викнав колку ме држи гласот:” Јана, ах другарке моја мила”. Таа ме гледаше со неверување и почна неконтролирано да плаче и зборува:
– Хана, моја. Жива си, боже, ти навистина си жива! Немој да ми се лутиш другарке моја, ние живееме во вашата куќа и верувај убаво се грижев за неа. Не бери гајле, веднаш ќе ја напуштиме и можеш слободно да се вселиш во својата куќа.
“Те молам да се смириш, јас не дојдов да те бркам од куќата, дојдов да видам што останало од неа и да се ослободам од кошмарите кои со години ми се јавуваат во сон” – и реков на избезумената Јана.
Таа го остави детето и долго време останавме прегрнати. Откако се смиривме малку, седнавме во дворот и ништо не зборувавме. Само се гледавме! Потоа Јана ми рече дека сум изгледала како вистинска дама и дека сум го подзаборавила македонскиот јазик. Сакам да влезеш сама во куќата, можеби таму ќе го најдеш одговорот за твоите немири – кажа Јана.
Со нешто како налик на насмевка се согласив и влегов внатре, Во дневната соба ништо не беше променето, почувствував дека во секој момент ќе ја видам мајка ми, која носи штотуку печени превкусни колачи. Имав кнедла во грлото, не бев пуштила солза со години и не верував дека сега ќе заплачам. Продолжив да се движам понатаму. Ѕирнав во некогашната соба на моите браќа, кои имаа пет и три години. Ме обзеде грижа на совест, никогаш не помислив на кој начин ги усмртиле недолжните дечиња. На крајот влегов во работната соба на татко ми, ниту таму не беа поместени нашите фотографии.
Седнав на неговиот стол и ме обли неподнослива тага и немоќ, почнав неутешно да липам. Плачев за сопствената себичност и лошата перцепција на вистината, плачев за браќата што заминаа на оној свет, а беа толку невини и недолжни. За родителите, кои можеби, кога умирале имале надеж дека оставаат жив потомок позади себе. Плачев за братучетките и братучедите, за нивната предвреме прекината младост, за чичко ми Езра и стрина ми Хава кои не сакаа исто како да сме нивни деца. По еден час подуена од плачење излегов во дворот, за тоа време Јана ги беше собрала соседите. Беа веќе подостарени, но, сите ги познав и ги знаев нивните имиња.
Кога дојде Исак и сопругот на Јана од тежок и неизвесен ден, го направивме ден за паметење. Моето сценарио за враќање во родниот град, се оствари по цели дваесет години. Само, за жал од оправдани причини не беа присутни најблиските. Соседите не престанаа да ме гушкаат и да се сеќаваат за убавиот соживот што го имаа со мојата фамилија. Имаше и солзи и смеа, одамна не паметам ден во кој ми се случиле толку тажни и убави работи. На Јана ѝ кажав со здравје да си седи со фамилијата во куќата и да не чувствува никаква грижа на совеста. Таа ми вети дека ќе ја чува како очите во главата.
– Во вашата куќа постојано одекнуваше смеа и радост, јас уште како дете ја обожавав. Кај вас секогаш убаво мирисаше, твоите родители ми беа поим за домаќинско работење. Секогаш имавте доволно, ниту премногу, ниту премалку. Би сакала во тој дух да ги воспитам и моите деца – низ солзи кажа Јана.
На одење на Јана и ги побарав само фотографиите од фамилијата, се договоривме да го обновиме старото другарство, да си пишуваме писма, а следната година да ни дојдат на гости во Швајцарија.
Како препородена се вратив во Женева, ги наредив фотографиите во дневната соба, додека Исак се радуваше на промената и новите навики кои ги применував секојдневно. Мислам дека тргнав тежок товар од рамењата, никој не ми доаѓаше повеќе на сон, можеби духовите им се смирија и конечно во мир почиваат. Во годините што следуваа се остварив како мајка, чувството дека постојам и можам да ја продолжам лозата на мојата фамилија беше прекрасно. Бев благодарна на секој ден од мојот живот, дури во моменти кога како и кај сите, работите не одеа така како што сакав. Додека сум жива ќе го славам животот, некогаш ќе грешам, ќе простувам, ќе се надевам, ќе паѓам, ќе станувам, но, никогаш повеќе нема да дозволам срцето да ми биде оковано во мраз.
Силвана Панева