Ноќе — ноќни, попладнето — светли.
Соништата имаат свои временски зони.
На ноќните сонцето ги праќа своите петли
за да ги тревожат и да спорат со нив.
Низ попладневните соништа ѕунат питоми оси.
Во ист котел се варат катранот и медот.
Сето она што надвор светлината го носи
одек е на сонот, негово отпечатување бледо.
Ноќниот сон е испишан со тајно мастило.
Неговите печатници работат без дозвола.
Сето она што низ денот се напластило
избива како пирејот од земјата одоздола.
Ноќните соништа имаат тешко резе.
За попладневните пак занаети не треба да се учат
Во нив слободно и без пречки може да се влезе.
Ноќните се друго. Постојат два клуча.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.