Испаривме неосетно како пареа од чај,
две голтки тага, една лажичка непребол,
три голтки молк, една лажичка прашина,
зачинето со гласна тишина.
Се стопивме како снег
а толку ладно ни е во душите,
не сме ние истите,
јас сум коцка мраз, ти си леден брег.
Испаривме полека како утринска магла,
еден ден нема да ми недостигаш,
за два дена ќе нè исплачам за два живота,
три дена ќе ми се потребни да те заборавам.
Три дена некогаш траат цел живот,
но јас немам три животи,
три дена за да пробам да те избришам,
два дена да заледам, еден ден да преживеам.
Испаривме неосетно полека,
три голтки солзи неисплакани,
две лажички сол на рана,
една лажичка мелем на душа.
Три дена за секое чудо,
три дена за да те избришам
три дена те бришам
ти веќе не си мое чудо,
ти си само чад од заборав,
што почна да испарува често.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.