Секој човек има своја големина. Секој вреди за себе и за останатите. Меѓутоа секоја индивидуа различно го разбира овој поим. За некого да се биде силен значи да се биде физички добро извежбан (атлетско тело, мускули), и со тоа да се прави важен пред другите. Имено, иако здравиот начин на живеење – во здраво тело, здрав дух (фитнес, посебен режим на исхрана), ни овозможуваат да добиеме одреден резултат – постигнување на посакуваното тело, тоа не треба да ни биде репер за големината на нашата личност. Убаво тело не значи и убаво срце и душа. Тоа е само дел од нашиот физички изглед и грижа за сопственото здравје. Несомнено е дека тоа е огромен плус, но најголема улога за големината на човекот се гледа во умот и срцето.
Нашиот ум е сè. Од него зависи сè. Доколку нашиот ум функционира во согласност со нашето срце, односно доколку има надополнување и од едната и од другата страна, на тој начин човекот оформува карактер со трајни особини и навики, кои потоа пак се дел од нашето секојдневно функционирање. Тие се доказ за нашата душа. Ја оформуваат нашата личност. Ја дефинираат нашата големина. На тој начин стекнуваме не само сопствена слика за себе, туку и оформуваме сопствен лик во очите на другите.
Токму затоа ја нагласив претходно споменатата разлика (физичка снага со ум и срце) како услов за перципирање на големината на еден човек. Меѓутоа јас само можам да ве насочам од која перспектива да гледате на оваа тема, а самите вие сте тие кои што одлучувате како ќе ја цените големината на еден човек. Тоа е ваш избор.
Автор: психолог, Ангелина Василевска