Кристина Росети (05.12.1830 – 29.12.1894) е англиска поетеса чии поеми изобилуваат со љубовна тематика, посветеност и магија која особено може да се најде во нејзината поезија за деца. Покрај отпечатокот кое богатото творештво на Росети го остава во англиската литература, таа придонесува и кон музиката со текстовите на поемите „Насред мрачната зима“ и „Љубовта доаѓа на Божиќ” кои подоцна се преточени во песни со своја композиција и со тек на време стануваат традиционални Божиќни песни кои се пеат и ден денес ширум светот.
Во прилог, на македонски јазик можете да ја прочитате една од попопуларните поеми на Росети: „Кога ќе умрам, најмило мое“.
Уживајте.
Кога ќе умрам, најмило мое,
Не пеј за мене тажни песни;
Не посевај ми ружи над главата,
Ниту за сенка дрва чемпресни:
Биди зелените тревки над мене
Со дождови и капки роса водени;
И ако ти е волја, сеќавај се,
И ако ти е волја, забрави.
Јас нема да ги видам сенките,
Јас нема да го сетам дождот;
Јас нема да го слушнам славејот
Како пее, па пее – низ болот:
И сонувајќи низ самракот
што нит’ ќе дојде, нит’ ќе заспива,
Среќна може јас да се сетам,
И среќна може јас да забравам.
Препев: Анастасија Лефкоска
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.