Skip to content

Ференц Келчеи – првиот голем унгарски романтичар

Ференц Келчеи (унгарски: Kölcsey Ferenc, 8 август 1790 – 24 август 1838 e унгарски поет, критичар и оратор, роден на денешен ден.

Роден е во благородничка фамилија во Трансилванија, за време на Хабсбургшката монархија. Останува сирак на многу рана возраст и хендикепиран поради тоа што го губи едното око. Кога има петнаесет години се запознава со Ференц Казинци и предано ги прифаќа неговите лингвистички реформи. Во 1809 Келчеи заминува во Пешта за да студира право. Сепак, правото му станува одвратно, па времето го посветува на естетички студии, поезија, критика и одбрана на теориите на Казинци.

Првите творби на Келчеи не привлекуваат големо внимание, а критиката што ќе ја упати кон Чоконаи, Јанош Киш, и особено кон Даниел Бержењи, во дело изадено во 1817, ќе го направи и доста непопуларен. Од 1821 до 1826 издава многу прекрасни поеми во списанието Aurora, Hebe, Aspasia, како и други литературни магазини.

Од 1832 до 1835 дел е од унгарското собрание, каде неговите екстремно либерални погледи и елоквентска вештина, ќе го направат особено обожаван пратеник. Избран е на 17 ноември 1830 година како член на Унгарската Академија на Науките; во 1832, го одржува својот познат говор за Казинци, а четири години подоцна и за неговиот доскорешен непријател Бержењи. Умира на 24 август 1838 година, кај Чеке, Унгарија, во Австриската империја, како резултат на внатрешно воспаление.

Келчеи е првиот голем унгарски романтичар. Најголемо влијание врз него извршуваат Русо и Волтер, а подоцна и Кант. Живеел повлечено на својот имот. Автор е на унгарската химна, која ја воспева славата на унгарското минато, која може да ја прочитате во продолжение.

Химна на Унгарија

Боже, благослови го Унгарецот
со изобилство и радост,
подај му рака заштитна
во борби против врагот;
од несреќи е сразен сет,
дај му сега среќни дни,
се напатил овој народ клет
од мината и иднини!

Нашите предци си ги водел кон
светиот на Карпатите врв,
преку тебе најде убав дом
на Бендегуз славната крв.
И до кајшто ечат на Дунав
и на Тиса брановите,
цвета на Арпад херојското семе,
на татковината синовите.

За нас по полето на Куншаг
зрел клас ни вееше,
од пенушките на Токај
нектар ни лееше.
Знамето наше го садеше
во турски шанец див,
и под војската на Маќаш стенкаше
на Виена бедемот сив.

Но поради нашите гревови
те фаќаше голем гнев,
и пушташе молњи и громови
и ширеше страшен рев.
Ти монголска стрела дива
ни фрлаше на пат,
потоа турски јарем тежок
ни ставаше на врат.

Колку пати од усните
на Турците екна бесна
над коските на нашата војска
победничка песна!
Колку пати, о родино, се крена
твојот син од твојта град,
и си станала поради својот пород
гроб за својот пород млад!

Се крие прогнатиот в дувло,
и таму меч му кине сон,
се обѕира сегде, но не наоѓа
дом во својот дом.
Кон врв се стреми, в поле слегува
очај го има сотрено.
Потоп пред нозете негови,
а над него море огнено!

Таму стоел град, сега руина,
радост беше секаде и сјај,
смртен шум и плач се шири
веќе в сиот крај!
И слобода не цути веќе
од крвта на мртвите,
солзите течат на тешко ропство
од очите на жртвите!

Сожали го, боже, Унгарецот,
кого опасност го сви,
подај му рака заштитна,
од маките спаси го ти!
Тој од несреќи е сразен сет,
дај му сега среќни дни,
се напатил овој народ клет
од мината и иднини!

Препеал: Паскал Гилевски

Напишете коментар