За случувањата од повеќе сфери во земјава може да се пишува многу, но во последниве неколку денови актуелни се пожарите што ги опустошија шумите низ планините и селата. Затоа ќе напишам неколку најискрени редови што сметам дека мора да ги ослободам од мене бидејќи горат баш како пламен. Вчерашниот пожар чијшто чад го посведочив со свои очи иако беше далеку, се издигаше во близина на планината Илиница и изгледаше застрашувачки.
Пламнатите дрвја кои растеле со години и биле душата на градовите и селата давајќи ни воздух почнаа полека да се намалуваат. Фотографиите со разулавениот чад издигнат како торнадо низ повеќе градови во Македонија се тажна глетка која не би сакале да ја гледаме. И покрај тоа на многумина не им е воопшто грижа што се случува “таму некаде“ сѐ додека не ги засега нив и чадот не им мириса пред врата.
Епа драги мои, сѐ додека не ја цениме природата, чуваме и штитиме како да ни е дом ќе ни се случуваат пожари предизвикани од намерен човечки фактор. А на што укажува тоа? На ниската совест и негрижа кон флората, на чувството на неприпаѓање во сопствената татковина, на ниското ниво на емпатија, на самољубие, незаинтересираност, неангажираност, па можеби и мрзеливост. За пожарите предизвикани од силните температури сме немоќни т.е. немаме влијание освен да се бориме како што умееме и тука природата уште еднаш ни покажува колку е надмоќна над нас.
Сѐ додека тнр. “експерти“ гаснат пожари преку коментари на друштвени мрежи наместо да се ангажираат и да појдат на лице место ќе си тонеме во сопствениот пекол. Секоја им чест на сите оние кои самоиницијативно отидоа да гаснат пожари на опожарените места, а не се пожарникари. Вистински јунаци се оние што се здобија и со повреди гаснејќи ја огнената стихија, а како да ги заборавивме после три дена. Тие заслужуваат поголемо вреднување за жртвата што ја прават додека се борат со пламените јазици. Земјата се чува со дела, не само со празни зборови и коментари на интернет. На нас останува да ѝ вратиме на природата со убаво. Со засадување нови дрвја, со рециклирање, чување на отпадот каде што му е местото, без загадување секаде каде што ќе отидеме итн.
Еве еден пример поврзан со загадување од моја најблиска околина. Во градот Кичево, мојот роден град во кој не живеам веќе некое време, но го посетувам често, веќе неколку години по ред жителите се соочуваат со проблем каде што има лоша миризба која доаѓа од дивата депонија. И после неколку јавни апели и жалби, молби од граѓаните кои не можат да си отворат прозор и да излезат на балкони проблемот со лошата миризба сѐ уште не е решен. Покрај ова, пред неколку денови имаше случка каде што во ЈП „Комуналец“ поради човечки фактор било запалено ѓубрето и смрдеа се имаше раширено, а пожарот го гаснеа дури неколку цистерни.
Чадот се прошири и можеше да се види речиси од секое место од градот. Локалните портали споделија и фотографии, луѓе сликаа и поставуваа слики на друштвени мрежи, се створи една мала општа “паника“ дека се шири пожар и постои опасност. За среќа, пожарот брзо се изгасна, се интервенираше од пожарникарската служба и немаше несакани последици освен лошиот и загаден воздух што сме принудени да го вдишуваме.
Покрај акцијата – дела, а не зборови, да не биде народната село гори, а баба се чешла, да се надеваме дека пожарите што беснеат во Македонија брзо ќе стивнат со минимални штети. Тие што се чувствуваат силни и способни, а имаат време и енергија би требало да се приклучат кон побрзо гаснење на опожарените места. Сите заедно сплотени како едно, со заеднички сили да ги затворат пламените јазици за да бидеме спокојни, а природата мирно да дише.
Наталија Наумовска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.