За десет чекори ѝ избегав на смртта можеби е прегруб наслов, но јас така го доживеав денешниот настан без многу преувеличување. Избегав од смрт или катастрофална повреда поминувајќи на пешачки премин на зелено враќајќи се од работа. Како и секогаш чекав трпеливо на црвено, а кога се пушти семафорот пуштив чекор да преминам, кога од моја лева страна здогледав комбе со лого на една наша млекара кое се приближува кон мене. За среќа не се движеше многу брзо, но и јас потрчав за да избегнам да се судриме. Си велам колку малку некогаш е потребно за да се случи несакан настан само поради невнимателност и непочитување на сообраќајни правила.
Секој ден слушаме за случени сообраќајни незгоди, а дел од нив за жал се и со несреќни исходи и со изгубени човечки животи. Се прашувам каде ли брзаат тие што возат со прекумерна брзина кога и возејќи побавно ќе стигнат до саканата дестинација? „Не возете побрзо од животот“, имаше еден слоган пред х години кој висеше по уличните реклами, не се сеќавам чија кампања беше, но слоганот ми остана врежан во сеќавање. Отворете очи кога преминувате на пешачки премини, па и кога се движите по улица бидејќи можеби вие внимавате, но некој друг можеби не внимава. Почитувајте ги правилата и бидете совесни возачи и пешаци бидејќи верувам дека како и мене така и вас – мил ви е животот.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.