Пламени јазици што згаснаа млади светилки – Наталија Наумовска
(Во спомен на загинатите млади во Кочани 16.03.2025)
Младост, живост, убост собрани на едно место,
 со песна, мелодија и пијалок што им тече во вените,
 младост, живост, убост пред кои е исправен животот
 пламените јазици безмилосно го прекинуваат
 и згаснуваат млади светилки
 кои силно светеле во кобната ноќ.
„Кажи ми како без тебе да бидам“ – стана тажна реалност
 за многу фамилии,
 се зави во црно цела земја, од пусти пламен, проклета искра,
 само еден Бог знае колку искри светеле во очите на младите,
 разменети погледи и симпатии, срушени соништа, желби, надежи.
Збор за утеха е речиси неможно да се пронајде,
 а зборот останува единствен спас во тешки мигови
 завиени во тишина, неспокој, ранливост, безнадежност
 и борбата за правда – станува најгласна бука која срцето ја бара
 во секој поштен, искрен, емпатичен и доблесен човек.
Кој ќе каже како без вас да се продолжи?
 Силно е срцето кое продолжува да чука после најголема трагедија.
 Кој ќе каже како без вас да се биде?
 Заради вас, сите претходни и сите идни – почнавме да го креваме нашиот глас.
Младост, живост, убост – несреќно и непосакувано убиени,
 стотици срца во огромна болка скршени и завиени,
 младост, живост, убост – за вас ќе се пишува, зборува и ќе се бори,
 оти на младината светот припаѓа – но со жар и пламен кој од љубов ќе гори!

Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.

