Немаме резервна планета – Никола Митовски

(На пожарите во Илинден, Тубарево и Дрисла, кои нè потсетуваат дека Земјата е наш единствен дом.)

Земјата ни е дом, која љубов ни дари,
цветни долини и гори стари.
Со потоци чисти, со сонце што грее,
ни дава живот
и птица што постојано песна ни пее.

Но ние ја трошиме нејзината силина,
ресурси кршиме
без трошка милина и срам.
Како да имаме друга
на чекање – подготвена, нова.
Па затоа дрвата ги сечеме, земјата ја правиме јалова.

Но ние ја раниме,
уништуваме и со нечиста рака,
со фабрики, отпад и ѝ создаваме мака.
Природата моли, тивко ни збори,
да ја чуваме Земјата пред да ни згори.

Затоа ајде, разбуди го својот глас,
за Земјата наша, за секој од нас.
Да ја заштитиме за иднината сјајна,
таа е наша – единствена и трајна.