Улична светилка – Гордана Каракашевска

(Посветена на сите деца кои умреа од глад во Газа)

Понекогаш, доцна ноќе,
кога не можам да заспијам,
стојам до прозорецот
и гледам во празната улица.
Таа е како корито од исушена река.
Свети само една светилка.

Некогаш, кога сум осамена,
ми личи на светло што гори на крајот од долг и мрачен тунел.
Другпат – на ламба во рудник
Најчесто, тоа е светлината на светилник
што светел кога мајка ми ме раѓала.
Во сите други ноќи,
тоа е светлото оставено да гори
во затворена кланица.
Крвта не се гледа – сè е избришано.
Сатарите се скриени,
само куките блескаат и сјаат.

И покрај тоа, улицата мириса на крв.

Над неа, во тишината,
се слуша плачот на децата
што умираат од глад.