Поетскиот свет на поетот Мирослав Трајковски низ три избрани песни

Брзање

Сон што се повторува секоја ноќ
Утра во кои сè повеќе ми се спие
И кои налагаат да се понесе чадор
Со себе си.
Помислувам дека некаде гледаш
во небото
И потем правиш сè за да му кажеш
за нас.
А јас?
Јас брзам.
За на работа
За накај дома
За доручек, ручек а и за вечерата
ако сум гладен.
Брзам толку долго а сè кратко
се причинува
Брзам да заспијам
Брзам да се разбудам
Брзам да стигнам
Брзам до снеможување
Брзам да заплачам
Но брзам и да ги избришам солзите
што поскоро од лице.
Брзам да те сакам..
Брзам да те прегрнам
Брзам да те бакнувам и соблекувам
Ќе брзам сигурно и да те облечам..
Брзам зашто сум искрен
Брзам зашто сум нетрпелив
Брзам зашто сум пламен
Пламен кој брзо осветлува
Искра која веднаш запалува

Сон кој не се заборава.
Од себството тешко се избегнува
Од природното во тебе никогаш
доволно далеку не исчезнуваш!

8

Секој ден ти се извинувам
За секој речен збор.
Секој ден ти се извинувам
И за секој неречен збор.
За збор што верува
и збор што не верува
Како верник и неверник.
Во љубовта
Во среќата и надежта
Ти се извинувам и в ноќта
меѓу неделата и понеделникот
Во осмиот ден
Во тој ден кога сум начисто сам
Во мигот кога патувам со мислите
А не стигнувам никаде конкретно.

Ти се извинувам 8 пати!
Зашто бројот осум прави
Бесконечност од себе.
А само Ти ме сакаш бесконечно.

КОЈА БЕШЕ СМИСЛАТА

Што беше тоа (не)мир?
Само мир на хартија испишан
Како буква “М” без средишно спојување
Без ракување меѓу двете страни ли?
Со таква ли буква се пишува мирот?

Што беше тоа радост?
Радост на фотографии ли само
Споделена по мрежите
за да предизвика завист некому?!
Радост која глуми за да освои награди?

Што значи да се прости?
Прошка која од срце со солзи излегува
Прошка која искрено се моли да заборави
Само оној кој заборава – вистински простува.
Сите други не простиле.