Авторот Александар Николовски, едноставно незапирлив, втор хет-трик по ред!
На наше и ваше огромно задоволство, повторно ја имавме честа и привилегијата за да си помуабетиме со нашиот навистина плоден автор Александар Николовски, којшто верувале или не, одново и одново оди степен и ниво уште погоре. Како и претходната година, премиерно, тој повторно ни претстави три свои дела одеднаш. Како ни протече муабетот и какви ли интересни одговори ни даде нашиот талентиран Велешанец, прочитајте во ова најново интервју.

1. Сите одамна научивме дека од тебе треба да го очекуваме и она најнеочекуваното, а тоа еве пак ни го потврди со уште три нови книги одеднаш. Какво е чувството по вторпат да имаш три дела истовремено?
– Уште еднаш ви благодарам за отстапениот простор на Вашиот прекрасен блог. Да да, повторно хет-трик! Мислам дека читателите веќе и навикнаа дека годишно издавам повеќе од едно дело, па за некого од тој аспект не беше баш изненадување, ама затоа типот на делата е оној фактор кој многумина ги остави со подотворена уста и практично во неверување. 😉
2. Пред да ни кажеш нешто повеќе за новите дела, накратко раскажи ни најпрво како си задоволен од тоа како беше прифатен првиот хет-трик?
– Што да ви кажам, освен – презадоволен! Никогаш не ни очекувам ништо, за потоа да не бидам разочаран, ама навистина секојпат се изненадувам сè повеќе. И хет-трикот, и сите претходни книги, солидно котираат кај читателите. Повеќето од нив се читани како да се тукушто излезени. Морам особено да посочам дека ниту на крај памет не сметав дека „Шундот над квалитетот” би можел да биде толку читан поради специфичноста на книгата. Се разбира дека беа изненадени и од збирката поезија „Поле со камилица” каде ме доживеаја во едно сосема поинакво светло. А „Книжарницата на смртта” едноставно најмногу ме отсликуваше, и како црвено светло, исто така го обележа „семафорот” како што групно го именував минатогодишниот хет-трик.
3. Новите три дела се кое од кое поразлично. Да започнеме со „Гледај како умирам” која како мистерија и воошто наслов, е најкарактеристична за тебе. Што нè очекува во оваа книга?
– Точно така, со таа разлика што за првпат одлучив да внесам и хорор елементи во приказната. Најискрен да бидам, појдовната точка на ова дело е инспирација од една непријатна случка која ми се случи лично на почетокот од годинава, иако севкупно книгата е посветена на трагично загинатите и на повредените при пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани. Централниот лик во приказната е Михаела, докрај нереализирана млада жена, која додека сопругот ѝ е на службено патување во странство, таа се повлекува во својата изолирана викендичка за да го заврши својот втор роман. И сега таму почнуваат да се случуваат чудни работи, па читателот до самиот крај ќе се прашува кое е решението на загатката. Книгата има и други поразлични ноти од сè досега што сум напишал, но тоа ќе оставам да го откријат самите читатели при читањето.

4. Привлечно, нема што! Е сега, со „Водич за саеми на книги” дефинитивно ни презентираш нешто сосема поинакво што чинам го немало кај нас досега. Што содржи во себе ова дело?
– Да, колку што и јас знам, немало нешто слично во Македонија. Овој водич е мал, компактен и пред сè доста корисен прирачник за овие книжевни манифестации, но секако ги разработува и сите останати типови на саеми, не само оној главниот годишен. Дополнително, поголемиот дел е пишуван и од мое лично искуство, бидејќи со години сум дел од саемите, не само како читател и посетител, туку и како книжар, од другата страна на штандот. Најинтересниот дел можеби е и оној финалниот каде ви презентирам многу интересни и комични случки коишто се случиле за време на саемите, на некои сум бил и сведок, а некои ги дознав преку исповеди од посетители.
5. Интересна замисла за ова со водичот, но мораме да признаеме дека она што и нам лично нè запрепасти најмногу е dark-романсата која ја имаш напишано со Ивана Божиновска. Што ли можеме да очекуваме од „Ме(н)тално искушение”, од овој по малку и двосмислен наслов?
– Па, ретко кој не е запрепастен. 😊 На шега или не, голем број читатели бараа да се испробам и во светот на романсите, па еве, конечно, бидна и тоа. Само што, ова не е обична романса, оние кои ме познаваат знаат дека јас не би напишал било што. Заедно со Ивана, за која ова дело ѝ е првенче, ви подготвивме нешто невидено во поглед на тематиката. Јас барем немам прочитано нешто од овој тип, ниту кај странски, а уште помалку кај домашен автор. Околу содржината не би сакал да нафрлам нешто, па да ми излета некој спојлер. Она за кое сме свесни е дека поради самата специфичност на делото, би можело да има многу поделени мислења и остри дебати. И покрај тоа што нашиот апел за многумина е „да не ја читаат”, сепак мислам дека љубопитноста ќе победи кај сите, па намерно ќе ја прочитаат. 😊
6. Појасни ни, како течеше целиот тој процес на коавторство и колку коавторката е задоволна од соработката со тебе?
– Не е тајна дека баш за ова дело нè копкаа реакциите од читателите, па слободно би рекол и од сеирџиите. Се разбира, имаше низа прекрасни и бесценети реакции, некои луѓе од срце пуштија и солзи радосници. Процесот, сам по себе, беше мошне интересен, бидејќи што и да работите двајца или повеќемина како тим, неизбежни се оние „слатки” меѓусебни препирки. А овде тоа секако се однесуваше на ликовите и нивните сцени, ситуациите во кои запаѓаа, а особено каков да биде крајот на книгата. Знаете како е она, кога секој си влече на своја страна. Расправиите и дебатите понекогаш беа жолчни и траеја до доцна во ноќта, но на крајот со судни маки некако успевавме да дојдеме до разумен компромис. А колку коавторката е задоволна од соработката и дали некогаш воопшто повторно би творела со мене, тоа мора да ја прашате неа. 😊

7. Зошто читателите треба да ги прочитаат твоите три нови дела?
– Не велам дека треба или пак дека мора да ги прочитаат. Нивна одлука е, избор и желба. Многу едноставно е, оние кои сакаат, ќе посегнат по нив кога ќе почувствуваат потреба за тоа.
8. Веќе имаш 18 официјални дела, што би рекле полнолетен број на книги, факт кој воопшто не е за потценување, особено за млад човек. Колку се промени ти како автор и како личност од твоето прво дело до денес?
– Искрено, не гледам некоја поголема промена, освен што сум постар за неколку години оттогаш. Се шегувам нормално, со текот на времето сметам дека повеќе созревам како автор, и особено во последните неколку дела и самиот забележувам дека имам подобрување на повеќе полиња при творењето. Е сега, дали и колку има вистина во ова, најдобро е да кажат самите читатели. Покрај сè ова, досегашното искуство придонесува и за уште поотворено да се впуштам во т.н. експериментирање со различни жанрови.
9. Дали наскоро можеме да очекуваме попусти на твоите книги?
– Да, апсолутно, како и секогаш, традиционално ќе има попуст за Black Friday и пред Нова година. Попустите ќе варираат од книга до книга, но секогаш гледам цените да се прилагодени за секој да може да си ги дозволи.
Александар, ти благодариме за издвоеното време и ти пожелуваме уште поголеми успеси во иднина. Ние веруваме во тебе, а секако ги покануваме и читателите да го направат истото и да си ги збогат домашните библиотеки со твоите книги. Тоа можат да го направат едноставно, преку нарачка на твојот профил. За многу нови дела и задоволни читатели, до следно читање!



