Есеј: „За волшебниот шарм на Мице“ – Борис Симоновски
„Мице“ е име кое пробудува многу сеќавања кај возрасните, навраќајќи ги во безбедните и безгрижни детски денови, каде првпат се соочиле со ова книжевно глувче. Таа е лектира за која секој Македонец ја има слушнато и прочитано. ,,Мице” е детска поема која ја запознава детската публика со вредното глувче Мице и неговиот краткотраен живот, кој ќе згасне под несреќни околности. Но, наспроти краткиот миг на глувчето, тој сепак успева во толку кратко време (дваесет и пет страници!), да поттикне љубов кон читање и раскажување кај децата.
Професорката по книжевност за деца Јованка Денкова наведува дека преку оваа приказна за ,,Мице”, малото глувче антропоморфозирано како дете, симболизира првенствено позитивни особини, кои треба да ги усвојат децата (трудољубивост, побожност). Токму низ мотивот за чудесното раѓање, Мице го стекнува неговиот шарм: тој се појавува во миг кога им е најпотребен на бездетниот стар пар. Мице се јавува во две функции – како пожелен син, но и како помошник во домашните обврски за изнемоштениот стар пар. Во мрачниот миг на безнадежност и очај по чедо, тој излегува од распуканата тиква како светулка, која дедото сака да ја отвори со секира.
Во момент кога парот мисли дека е само обичен глушец, Мице ќе писне. ,,аманте, луѓе, јас не сум криво!/Дарујте живот, дедо и бабо,/ јас ќе ве слушам, дури сум живо!/. При што бабата ќе му одговори на сопругот ,,- почекај, дедо, бабина радост! / Нека ми биде глувчето дете, /одмена наша за пуста старост!”. Професорката Јадранка Владова наведува дека ликовите-животни се прикажани ,,со атрибути на рамноправни соговорници со ликовите-луѓе”. Во овој случај, Мице ,,зборува и, во согласност со белезите на чудесното, не предизвикува чудење ниту кај ликовите, ниту кај читателите кои природно влегуваат во кодот на таквото раскажување.”.
Професорката Весна Мојсова-Чепишевска истакнува дека позади раѓањето на Мице, се крие мотивот за чудесното раѓање кој е доста присутен во македонското народно творештво. Тука имаме ,,раѓање” на глувчето – супститут за посакуваното дете. Мице доаѓа како испратена утеха за бездетниот пар. Како пример кој го содржи овој момент на раѓање од тиква ја спомнуваме народната приказна ,,Маш и жена и тиквата” (Шапкарев бр. 10). Чудесното раѓање секогаш е поврзано со чудесниот изглед, силата и необичната судбина на јунакот. Откако Мице ќе излезе од тиквата, тој се антропоморфизира: умее да говори, и откако бабата и дедото ќе го прифатат во сопствениот дом, ќе помага во домашните обврски. Овој момент асоцира на разни ликови кои излегуваат од разни предмети како јапонскиот Момотаро (кој излегува од праската откако ќе биде отцепена од страна на таткото) или Палешка (која излегува од цветот).
Еден ден кога бабата и дедото ќе тргнат на нива, Мице ќе се обиде да зготви чорба. Меѓутоа, во еден момент ќе изгуби рамнотежа и ќе падне во грнето, и така ќе му заврши краткиот живот. Миодраг Друговац ја коментира ова специфична сцена, и дава заслуга на уникатниот писателски манир на Николески. Тој смета дека сцената е совршена илустрација на нивото на креативна инвентивност во постапката на Николески, во неговиот творечки чин.
Јазикот на Мице е стилски богат со разни епитети и фрази, имиња кои алудираат на предмети од македонскиот народен бит. ,, дедови крпи, скината торба / и преде волна со урка нова, /в шутаре грне си вари чорба…,, стомна земјена”… ,,шарена торба, / погача, пипер во неа кладе, /на нива тргна со грне чорба”,, во старо грне гравче да вари”. Јазикот и описите се лексичко богати и едноставни, одејќи во прилог на ритмичноста и римата на детската поема. Временската рамка е поставена во далечното минато – како вообичаено во народните приказни: ,,во едно далечно време…си бил еден…”. ,,Одамна било, во старо време, а може преку педесет века/ живеел старец со својата баба крај една брза и планинска река.” Оваа временска далечна дистанца е верна и до крајот на поемата.
Крајот е особено карактеристичен со неговата особеност и уверување на читателите во легендата ,,Ти ако наминеш денеска таму, /на тоа место, крај таа река, /прикаска ваква ќе чуеш во село – / како што било пред толку века. /. Овој момент е карактеристичен на етиолошките и легендарните преданија, кои го уверуваат слушателот во вистинитоста на настанот.
Заклучно како што вели Јованка Денкова: ,,во секој случај, животните биле и ќе бидат составен дел од книжевноста за деца, пред сè заради нивното терапевтско дејство и позитивни ефекти врз детето, како нивни верен придружник и пријател, сопатник на неговото детство”. Мице е токму таков лик – трогателен, симболичен и неизбришлив. Неговиот краток, но значаен живот останува длабоко врежан во меморијата на читателите.


