Лажната убавина и ножот како решение: Кој ни ги наметна стандардите и зошто им подлегнуваме?
Живееме во време на изместени вредности
Живееме во време на изместени вредности, консумерисам, брзи љубови, уште побрзи разводи, списокот е долг. Зошто ја почнав оваа колумна со оваа реченица? Ќе пишувам за дел од изнесеното во првата реченица. Одамна сакав да пишувам на темава меѓутоа едно видео од еден фејсбук пријател ме поттикна веднаш да седнам зад екран. Имено, девојката која ниту знам како се вика ниту со што се занимава си реди листа на операции (естетски корекции) кои ќе ги прави годинава. Со датуми која операција и за што, кога ѝ е закажана. Гледам така и во глава ми се вртат сите луѓе и деца кои поради болест чекаат да бидат оперирани. Притоа за нив се збираат пари преку хумантирана помош. Ја гледам девојката, слушам ќе го коригирала носот, а тој сосема нормален, нитшо не му фали. Гледам убаво лице (не знам колку се должи на природна убавина, а колку на шминка или корекции, не е важно) и сфаќам дека е “заслепена“ од некои општествени норми. Ова е најблага верзија со која можам да се изразам, а да не напишам нешто што би било навредливо. Не знам на која возраст е, но се кладам дека нема повеќе од триесет години.
Кога операциите стануваат список со датуми
Жално е што млади луѓе подлегнуваат на нож бидејќи сакале да изгледаат поубаво. Кога спомна дека имала извадено ребра и дека ќе вадела уште, се запрепастив. Сакала да има мачкести очи (а очите баш убави изгледаат), задникот сакала да го прави поголем. Би ја прашала дали слушнала за теретана или за дигање тегови? Дали слушнала за вежби кои природно подигаат задник? Или врз основа на помал отпор ќе си се подлегне на нож и оп – ети ти зголемен задник без трошка напор, со попразен паричник. Не би да се мешам во туѓи финасиски состојби, но се прашувам од каде толку средства за толку операции? Со што ли се занимава оваа млада девојка? Каде ли се родителите во приказнава да посоветуваат дека може да се или веќе почнала да се “унаказува“ место разубавува? Во едно од сценаријата е дека тие ги финансираат и поддржуваат операциите.
Кога телото станува проект за уредување
За убавина велат не се дискутира, но факт е дека некои естетски корекции го разгрдуваат човека наместо да го разубават. Најобичен пример е со погрешно нанесени филери на усни кои даваат неприроден изглед, како оси да ги изгризале. Да не зборувам за погрешно нанесени ботокси, импланти на гради и слично кои се тотална утка. Списокот е долг повторно и по ова прашање. Зошто бе девојки, жени со сила сакате убавината да си ја расипете? Еве ги прашувам сите што претеруваат со “разубавување“? Особено тие од помладата генерација. Тие што се во дваесеттите години и сакаат да наликуваат на тетките од модните списанија или од екраните. Поточно од тетките што ги следат на социјалните мрежи што продаваат “бјути стандарди“. Кога ќе сфатите дека она што се пласира на Инстаграм и дргуите социјални мрежи е лажно?
Инстаграм не е реалност
Не се споредувате со реални луѓе, со реални жени и мажи. Се споредувате со нивните лажни претстави и нивниот приказ како сакаат да бидат видени. Ова особено сакам да го потенцирам и сакам да стигне до помладите генерации. Не се споредувајте со она што го гледате на интернет, ве молам, девојчиња. Мозолчињата на вашето чело и на брадата се сосема нормални. Влакненцата што ви растат на рацете и нозете се сосема природна и нормална појава. Нема ништо страшно и срамно во тоа. Вие созревте и растете, станувате девојки. Има време за шминки и депилирање. Ова особено се однесува на девојчињата од основните школи кои се во многу сензитивен период за овие теми.
Порака до децата и адолесцентите
Вие момчиња, на иста возраст, нормално е гласот да ви е поинаков, да ви се промени. Нема ништо срамно во тоа, ниту во бркчињата што полека ви излегуваат и сите други телесни и физиолошки промени што ви се случуваат. Не се споредувајте со другите, особено не со она што гледате на големите и малите екрани, на билбордите и рекламите. Вие сте убави и такви какви што сте. Секогаш може да работите на себе и да се разубавувате, но внимавајте од каде црпите информации и кого следите.
Кога ножот станува закана за здравјето
Да се вратам сега на повозрасните жени што се потпираат во ефикасноста на естетските корекции. Нели мислите дека си загрозувате здравје и живот подлегнувајќи се на нож? Уствари шо има да мислите, има кој да мисли за вас, еве ја на пример мислам овде додека пишувам. Дојдов до заклучок дека не можам да смислам една убава причина за вадење на ребро од човечко тело. Додека некој скраја да е си го скршил и се опоравува, некој паметен од чиста мира си го вади. Какви стандарди за убавина се продаваат денеска просто да се чудиш.
Фитнес гуруа и продавање надеж
Не можам, а да не ги спомнам и фитнес инфлуенсер(к)ите. Секој трет стана фитнес инструктор со програми, менија, за слабеење. Бидејќи човечкото тело е најизложено на промени, дебелеењето во денешно време е најлесно и најбрзо, знаат тие што одбрале. Знаат дека секогаш ќе има такви што ќе “потрчаат“ некој да ги води низ процесот, а за тоа ќе наплаќаат. Ќе си редат цифри на сметка, на сметка на нечиј јо-јо екфет, на некој кој не сака да направи промена вистинска сам. Туку треба прво да плати за некој да го води, а истото може и сам да го осмисли со толку достапни информации и бесплатни совети. Но не, фитнес гуруата мора да ви осмислат целна програма бидејќи вие не сте способни сами. Не знаете што му треба на вашето тело бидејќи доволно не се познавате.
Јо-јо ефектот и бескрајниот круг
Им се извинувам на сите што се наоѓаат во процес на слабеење и што купиле некоја програма кај некого. Не ја навредувам вашата личност, во очај луѓето пробуваат сешто. Поентата ми е дека фитнес инфлуенсерките позајмуваат идеи од други странски инфлуенсерки и си “крадат“ рецепти. Дел од нив не се ниту нутриционисти ниту сертифицирани фитнес инструктори, па се дрзнуваат да ви земаат пари за ваши резултати. Која сум да кажувам и да судам? Ваши пари – ваши избори. Следам што се случува и сфаќам дека стана помодарство да се биде на некоја фит “програма“ која ја промовираат некои инфлуенсерки што се изнашетаа со ваши пари. Сè е маркетинг, сè е бизнис во фитнес индустријата.
Заклучок: Телото не е тренд
Додека вие дома слабеете и правите вежби за да ослабите, трошите пари за намирници кои ви кажале да ги купите, а тие се сончаат на плажа во зима. Не велам дека е лошо и тоа, се снашле, на туѓата мака да заработат. Впрочем, многу сакаат да помагаат, нели. Да ви помогнат да го достигнете вашиот совршен изглед. Ова е дури и подобра варијанта од одење под нож. Нека кренат два прста сите што после завршување на програмите вратиле добар дел од килограмите, сигурна сум дека се бројни таквите. Но фитнес гуруата се тука да ве спасат со нова програма, овојпат поинаква, со загарантирани резултати. Така во круг.
Драги жени, никој не треба да ви кажува што треба да правите. Со толку достапни информации и видеа по интернет. Сами донесувајте одлуки, особено поврзани со вашето тело. Не гледајте што направила Цаци од втори, каде пошла Мара од кадрово и што купила Фани од комшии. Гледајте си се себе, вашите потреби, ставете се себеси на прво место. Најважно, слушајте го вашиот внатрешен глас, кој знае да биде голем критичар некогаш. Да не биде дека ви кажувам што треба да правите па да ме послушате и мене, која сум јас да ви “попувам“? Препрочитајте и правете што сакате, што ви одговара најмногу и ви сака душата. Сè што ви лежи на душата, а она што ви тежи – разговарајте го со стручно лице или блиско лице од доверба. До следно.
Пишува: Наталија Наумовска

Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.

