Сакај ја книгата, сакај го пишаниот збор! Само тој што чита може да ја разбере љубовта кон книгите! Секоја книга има своја приказна, свое минато, свој почеток и крај. Да не дозволиме денешната напредна технологија да го уништи пишаниот збор или да ја намали неговата вредност. Книгите да не се заменуваат со компјутери, затоа што магијата кога читаш со книга во рака и кога читаш од компјутерски екран не е иста! Знам дека повеќето се согласуваат со ова иако електронските книги од една страна треба да постојат, но само за оние книги кои не се достапни.
„Нашите книги и нашите пенкала се најмоќното оружје“. – Малала
Повеќе читај, помалку зборувај!
Задлабочувањето во светот на книгата ти помага барем за неколку часа да заборавиш на себе, на сите проблеми и на прашањата и грижите кои те мачат. Ги сознаваш другите култури, учиш нови работи, со еден збор стануваш БОГАТ.
Духовно се збогатуваш и тоа богатство никој не може да ти го украде, никогаш!
„Без зборови, без пишување и без книги не би постоела историја – би се изгубил целиот концепт на човештвото“ – Херман Хесе
Негувај ја љубовта кон книгите!
Чувај ги и однесувај се кон книгите како нивен вистински љубител. Немој да ги уништуваш страниците, не позајмувај ги на тие што не ти ги враќаат (заборавиле дека воопшто позајмиле и после книгата магично исчезнува).
Библиотеката е теретана за умот
Како што на телото му е потребна физичка активност и движење така и на мозокот како најголем мускул му треба вежба. Една од најдбрите за него е токму читањето.
Читај македонски автори!
Мој совет е да не ги следиш слепо модните трендови читајќи само популарна литература и нешто што е актуелно во моментот, туку да им дадеш шанса на делата кои се постари или пак на оние за кои првпат си чул, а никој не ги препорачал и не се најпродавани во книжарниците. Дај им шанса на македонските автори бидејќи тие не смеат да бида потценети во својата татковина. Не само поради тоа туку тие имаат своевиден квалитет кој не смее да се занемари.
“Добрите читатели ја прават книгата подобра, а добрите противници појасна“ – Фридрих Ниче
Читај за да пораснеш. Читај за да созрееш!
Не само ментално, не само духовно, расте и твоето животно искуство што се вбројува како дел од созревањето. Под читање за да се порасне не подразбирам стареење како процес кога стануваме поголеми за една година, туку на растење (ширење на зениците) и отворање на видиците. Гледање на работите од повеќе агли, поразлично доживување на реалноста, разбирање на луѓето во подлабока смисла запознавајќи се со нивните животи…
Читај за да живееш повеќе од еден живот!
Кога ќе се соживееш со ликовите од книгата и почнуваш да ги разбираш и да размислуваш за правилноста на нивните постапки, па се обидуваш во нивно име да расудуваш како би требало да се однесуваат, кога ги запознаваш местата кои се опишувани (макар и да се измислени) ти доживуваш некаква визуелна претстава што е многу слично на меморија од некое место кое некогаш си го посетил.
Моќта на книгата да те однесе на стотици места без да се поместиш е речиси магична!
Живееш односно доживуваш илјадници различни животи видени низ призмата на писателот.
Читај за да бидеш интелектуално задоволен!
Внатрешната потреба за да прочиташ нешто добро е доволен показател дека ти ќе си ја задоволиш интелектуалната потреба читајќи. Нема потреба од дополнителни објаснувања зошто е сосема јасно кога се чита поради огромна страст и желба да се прави тоа, а друго е кога читаш колку да го правиш тоа (но вистинските љубители никогаш не читаат напразно).
И постојат уште многу причини поради кои се одлучуваме да читаме, кои не ги сместив овде. Но, едно е сигурно: читај со љубов, читај со страст, читај да го задоволиш апетитот кој вели дека е време да се посветиш на самиот себе и хартијата што ја имаш пред тебе (или до тебе на екранот).
Среќен светски ден на книгата!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.