Skip to content

Трагање по мир и припадност или нешто повеќе? – Рецензија на „Годините кога научив да летам“ од Евгениј Хоуп

 

Се раѓаме без да одбереме во кое семејство ќе се родиме, каде ќе биде тоа.  Дали ќе живееме во куќа или во стан, дали ќе живееме во град или село, дали ќе имаме браќа и сестри или ќе бидеме единствени деца. За некои работи не можеме да одлучиме туку тие се предодредени уште пред да го вдишеме првиот воздух и го испуштиме првиот плач.

Уште од мали нозе полни сме со илјадници прашања. Љубопитноста ни извира од секое делче од нашите мали и кревки тела. Останатите повеќе или помалку пробуваат да ни ја задоволат со раскажување приказни или неуморно одговарање на прашања кои ги поставуваме со брзина на светлината.

Детските замисли и желби не многу често знаат да се пројават и во возрасните години, но во поинаква форма и со поинакви гледишта. Додека растеме работите нагло се менуваат. Со само неколку трепкања од мал суперхерој кој се криел под „импровизирани бункери“ направени од ќебиња си станал возрасен човек. Ист таков кој е поставен пред многу животни предизвици што самиот живот ги наметнува.
Наше е дали и како ќе одговориме на тие предизвици. Дали ќе го негуваме детскиот дух во нас исполнувајќи му желби на заробеното дете внатре во нашето тело или нема да го правиме тоа.

Која е содржината на романот накратко?

Од детството некогаш со несигурни, а некогаш со лесни и одлучни чекори летаме кон светот на возрасните без да погледнеме назад. Главниот протагонист Михаил во романот „Годините кога научив да летам“ од Евгениј Хоуп ни ја раскажува неговата животна приказна. Прераскажана преку интересни метафорични записи и случки. Со богат опишувачки и раскажувачки тон налик на современите романи на Пауло Коелјо, авторот ретроспективно ни го претставува животниот пат. Него збогатувајќи го со живописни примери од секојдневието како и реални настани кои се случувале за време на неговото растење.

Поделен помеѓу три живеалишта уште од мали нозе пробува да се пронајде себеси. Клучниот момент кој што претставува и пресврт во самото дело е кога домот за Михаил никогаш повеќе нема да има исто значење и чувство. Можеби тој важен момент како пресрвтница во неговиот живот го тера да трага по скриените аспекти од неговото битисување кои еднаш мора да испливаат на површина.

Дали Михаил ќе го пронајде тоа што почнал да го бара во еден одлучувачки момент ? Што кога решава со автостоп да помине илјадници километри без да знае што го очекува на таа авантура?

На еден настан Михаил ќе го спознае чувството на меѓусебно припаѓање благодарение на глувонемата девојка. Tаа ќе му покаже што значи вистинско телесно и духовно сплотување. Додека тој нејзиното присуство ќе го чувствува постојано дури и кога таа не е до него. Кога ненадејно исчезнува и ја заборава чантата со едно книжуле, Михаил мисли дека книжулето е наменето за него. Присвојувајќи го открива интересни записи, имиња и еден опишан остров чии координати не се познати. Тогаш се разбудува љубопитноста. Потоа пламнува потребата повторно да се соедини со Алма. Убеден е дека пронаоѓањето на островот ќе го доведе до неа и конечно ќе го пронајде сопствениот мир. Дека ќе ја пронајде сопствената целосна припадност во групата на островските луѓе.

На патувањето кое наликува на впуштање во непознатото без конкретна мапа, но слушајќи ја сосптвената замислена рута ќе се сретне со неколку ликови кои ќе бидат дел од неговото патување. Вплеткувајќи се во неколку конфликтни ситуации го измачуваат прашања дали погрешил што дозволил да му се придружи „жеништето“ во неговиот подвиг. Емотивните изливи, но и длабоките преисптиувања се само еден дел од неговите авантури.

Постојаното себеиспитување, целата потрага кон скриениот остров наликува на една психолошка борба со самиот себеси. Борба со сопствените конфликти, измачувања, проблеми. Со прашања, двоумења и замисли, во која само еден може да биде победник.

Кој ќе победи во оваа психолошка борба?

Токму оваа психолошка борба изразена преку прашања поврзани со личниот идентитет и сопствената припадност, може да се согледа во следниот извадок. „Ѕвездестиот отсјај што се наѕираше во бесконечноста над мене ме потпраша дали можам да остварам конекција со мојот личен идентитет. Не знаев што да одговорам, бев толку збунет што никаква помисла не ми паѓаше на ум. Внатрешно изградената слика, за која мислев дека делумно ја познавам, ми изнуди прашање што точно значи да се биде вдомен во еден минлив човечки живот, да се биде скротен и целосен истовремено?“

Животната филозофија позади номадското живеење

Номадскиот живот на протагонистот претставува една животна филозофија. Којашто во себе крие прашања, а одговорите можат да се најдат само со неуморно талкање. Себеизградувањето по патеката на животот, пронаоѓањето на изгубеното и потиснатото сопствено јас, барањето на чувството на припадност и вдоменост се дел од темите во романот.

Потрагата по сопствениот идентитет, загубените вредности и вредните доживувања, се дел од авантуристичките „летања“ на трагачот по смисла, на оно кој трага по сопстевниот внатрешен душевен мир.

Дали островот ќе му го даде на Михаил тоа што го бара или многу повеќе од тоа? Откријте во овој современ постмодернистичкиот авантуристичко-мистериозен роман на Евгениј Хоуп.

Напишете коментар