Скокотлив сончев зрак ме гребна на едното око, но не му обратив внимание. Такви скокотливи луѓе имам милион во мојот паричник. Стојат како слики една врз друга, која од која полоша. За кратко ме изгребна и на другото око. Ги отворив, но сакав да поспијам уште малку, ме печеа од минатата ноќ кога се веселевме поради денешниот ден. Потстанав, но како нешто да ме тегнеше да се залепам на перницата, да ја прегрнам неа наместо гостите кои наскоро ќе пристигнат за да ми честитаат.
Станав, но погледот ми се упати во трите црвени рози кои ги одбрав со големо внимание за мојата Роза. Ја погледнав едната роза. Внатре се сокри нејзиниот лик. Ме повика силно да ја вдишам нејзината убавина и да ми се залепи директно на срце. На сјајната боја од ливчињата го видов секое наше заедничко утро со мојата Роза. На усните го почувствував допирот на нејзините врели усни што се испреплетуваат како ластегарки со моите, слатки како шеќер, како чоколадо, како навремено созреана шумска јаготка.
На раката почувствував како нешто да ме допре, на четвртиот прст почувствував тежина, мала. Се запрашав: „Како би ми прилегал венчалниот прстен?“ Со ушите го слушнав плачот на русокосото девојче со сини очи како мајка ѝ, што одамна го имав замислено и нацртано на парче хартија. Рамка му беа испреплетените суви ветки кои ме научи баба ми да ги плетам, толку цврсто сплетени што ниту најтешката чума нема да ги разлабави и распадне.
Ја погледнав втората роза. Ми намигна. Ѝ ги раскажав свилените соништа кои со години ги китев како новогодишна елка. Од ден на ден додавав по еден украс, „таа тоа го заслужува“, си велев. „Ќе ја опсипам со злато, ќе ја…“. Не, не, нема да дозволам да го исполнува дневникот раскажувајќи колку златни бразлетни сум и наредил на раката. Тоа го може секој, секој кој поминува по улица нудејќи го свoјот дебел џеб, немајќи ништо под кошула од левата страна.
Таа заслужува песна, заслужува серенада со која ќе ѝ се прикрадам навечер под прозорецот кога сите ќе спијат, да ужива во пораките кои ѝ ги испраќам преку стиховите со поглед накај вечноста, на кои крајот не им се гледа ниту зад седум мориња и седум планини, гледајќи ме право во очи, не следејќи го мојот лош глас од кој би посакала да се сокрие внатре и да ми го тресне прозорецот пред нос. Не сум од тие кои маѓепсуваат со убав глас. „Тоа го може секој“, си велев, „но кој може да ја маѓепса без да ја допре? Кој може да ја однесе на седмо небо без да ја фати за рака ?“… E, тоа не го може секој.
Ја погледнав третата роза. Таа ме гледаше некако безживотно, забележав некоја посветла нијанса на црвена боја со жолта дамка на средина. Не беше онаа сјајна црвена роза која беше наменета токму за нашата иднина. „Не оди“, ми рече. „Секој сон е убав додека не се разбудиш“. Малку подзастана, но посакав да ја слушнам, почекав за да продолжи. „Секое детство е убаво додека не пораснеш, секоја младост е убава додека не остариш, секоја љубов е вечна додека ја посакуваш…додека ја посакуваш…додека ја посакуваш…“. Ми заѕвони во ушите неколку пати, слушнав ехо, ми се стишуваше реченицата на крајот, остави неколку пати да ми се повтори да нè не ја слушнав. Но, ја погалив и ѝ се насмевнав, ја одминав како мало дете на кое не му веруваат.
Одам да ја земеме мојата Роза и да ја засадам вечно во мојот дворец, во кој ќе цвета и тогаш кога нема да ѝ се цвета, в зима, напролет, в лето, на есен…Ќе ја полевам и милувам постојано, секогаш кога ќе се пожали дека е болежлива, санки јас тоа нема да го почувствувам. И кога нема да биде болежлива, и кога ќе биде презаситена од сите мои прекорувања и повторувања кога ќе бидеме глуви и стари затоа што нема да ја слушам.
Полна кочија сватови, коњите радосно ’ржат, весело потскокнуваат правејќи брзи чекори тропајќи силно за да навестат во соседното село дека го носам прстенот. Силно ги држев розите, но не забележав дека едната ја нема, таа болежливата. Како одеднаш нешто коњите да ги сецна, и тие го чувствуваа моето силно чукање во градите, целиот бес и лутина кои сакаа да ми ги откорнат ноктите на прстите додека ги стегав за да стегнам тупаница. Ми се забиваа во месото, посакав да станам и да му ја скршам главата на тој што ја милуваше и држеше за рацете. „Тие раце треба да бидат мои, јас треба да ѝ ја ветам мојата љубов на десната рака!“
Ги завртевме коњите на другата страна од кадешто дојдовме. „Зошто розите не ме предупредија? Зошто болежливата не ми рече дека сум разбуден од сонот? Зошто не ми кажа дека таа љубовта не ја посакува? Зошто не остана со нас до крај? Можеби не сакала да ме гледа додека ги кинам сите цртежи што ги цртав со неа како мал, како ја кршам гитарата со која сакав да ѝ свирам серенада… Коњите одеа со голема брзина, и тие не сакаа да гледаат, но на џадето имаше нешто кое ме скокотна да погледнам.
Празниот поглед ми се закопа во нејзиниот лик чиј поглед гледаше исполнително во мене, можеби тој грабливец ѝ ветил шаренолик живот без серенади. Но, таа ги сака серанадите, ми велеше да ѝ пеам, ѝ ветив дека ќе ѝ ги пеам. Ја пикнав раката во џебот, го допрев прстенот поради кој дојдов на патот за да ми истечат очите таму. Го фрлив прстенот по улица, ги фрлив и розите, нека ги пронајде таа на џадето.
Автор: Душко Трифуновски
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.