Здраво девојче!
Не, Те молам немој да ме негираш сè уште си за мене девојче. Нека Ти се годините, годините не Ти пречат. Воопшто не се многу. И да, како и секогаш изгледаш преубаво, претпоставувам дека многу внимаваш на исхраната. Убавото лице станало уште поубаво, со дневни и ноќни кремички, зарем не?
А да Те прашам бе девојче, кај ја изгуби насмевката…и зошто, зошто?
Јас Те паметам како насмеана, со една многу природна и гласна насмевка.
Со тие бели запчиња под таа насмевка.
А види сега, убава, ама брате многу си озбилна…како сите гладни и жедни од светот да се на Твојот грб, …како да сакаш да го решиш глобалното затоплување на планетава.
Одмори се девојче.
Помини на стари места.
Земи здив.
Помирисај дали сè уште местата мирисаат на љубов.
Помини низ паркот покрај училиштето…побарај ја нашата клупа, можеби сè уште стојат нашите иницијали врежани за време од беганите часови.
Пробај да се сетиш на вкусот на принцез крофните и лимунадата со вкус на круши во единствената слаткарница во градот и на масата број четири во аголот.
Можеби ќе си спомниш и …
…и како не буткаа со нозе во дрвените наслони од седиштата на кои седевме во киното Напредок, додека зимските јакни ни ги прекриваа рацете што се милуваат а ние го гледавме индискиот Бидаи по незнам којпат.
Знам, ќе кажеш, било поминало. Минатото не се враќа.
Не, нема да се вратат одморите во Како Струга Нема Друга.
Да, денеска нема толку убаво сонце како тогашното кое толку убаво го милуваше Твоето костимче за капење со цветен дезен додека Ти го разбрануваше езерото пливајки со тие прави нозе. Ах тие денови, и тие непреспиени ноќи…ноќи на гитаријади во Соколана. Ноќи на логорувања, шатори за двајца и концерти на Ваљак.
Сè било попусто. Човекот еднаш замижува, а Ти замижа во најкобниот момент.
И Твоето Да кое Те окова.
Можеби да бев подобар стражар, …и да имав некое наградно отсуство, …и поштарите побргу да ги носеа писмата во боја, …и да имаше некое скратување кое ни го ветуваа…и Ти да имаше поголема верба во нашите соништа…
Можеби, можеби.
П.С. Јас се уште сонам со отворени очи. Девојче Те земам во раце, Те пренесувам преку куќниот праг и Ти ја враќам изгубената насмевка.
Автор: Херр Момо