Како да беше вчера и денес ја гледам истата слика. Секој тргнал на некоја страна. Додека едни се радуваат и го молат небото да пушти уште снег, други не можат да се усреќат ни од тоа што го гледаат пред себе.
Овие вториве ти се од оние кои не знаат што всушност сакаат.
Ако воопшто не заврне, зошто, ако заврне малку, зошто, ако заврне како на разгледниците, повторно зошто.
Тоа прашање без одговор е толку безгласно, а сите го слушаат освен оние што го поставуваат.
Ме мамат покривите на кои ко од шега никнале безброј мразулци и замрзнувам. Малку ми е чудна таа необична тишина која обзела се па и мене. Малку ми е страно да бидам очи в очи со своите чувства, но тоа е.
И продолжувам јас како некој одечки снешко кој е свесен за сè, но сепак молчи. Се судирам со безброј луѓе од кои никој не препознавам, зашто во таа „снежна идила“ само снегот е бел. Облечени во капути, покриени со капи и шалови, ги греат телата, а душите ледено ладни се.
Со задоволство би ѕирнале во животот на оној кој прв ќе им се појави, но ни таму нема да го најдат она што со години го бараат.
Она што го немаш, што не си го пронашол најпрво во себе, нема да го најдеш во другите.
И денес како и тој ден, чекорам. Ги бројам чекорите без потреба, а не треба. Подобро е ништо да не се планира и замислува затоа што баш тоа најлесно паѓа во вода. А, кога ќе падне жалиме, а кога ќе падне, паѓаме, а не треба, не треба!
И еве ме повторно, стигнав на местото наречено „Дрво на љубовта“. Погледнав кон клупата до дрвото, но не беа таму. Можеби е чудно,но очекував да ги видам повторно. Двајца непознати, седнати и прилепени како две снегулки на прозорец кои судбински се споиле, па личат на една.
Да зјапнам одненадеж и да се стоплам од призорот, дланка во дланка, очи во очи, искрена насмевка и љубов што снегот го топи.
Да можев да се менувам со дрвото на ден, на час, на минута.
Би ми било задоволство да бидам дел од таа хармонија, макар ми било и последно.
Само да слушнев грам од тој разговор кој ми делуваше некако филмски, некако интересен, некако ближен, можеби ќе им помогнев. И покрај тоа што таа моја чудна желба не се исполни, засекогаш ќе ја памтам реченицата која на блиц одѕвони и одѕвонува во моите мисли, во моето битие.
Во таа магла од студ, емоции и народ, момчето со тажно збрчкано лице шепотно изусти: „Те сакав,те сакам и ќе те сакам, покрај сè, покрај сите“.
Во тој момент требаше да стојам, да молчам или да се поклонам на ваква ретка реткост, но јас како и обично морам да бидам поразлична, морам да бидам необична.
Ја фрлив ракавицата во снегот близу дрвото и чекор по чекор стигнав пред него.
Беше навистина посебно дрво, повеќе личеше на табла на која вљубените ги изрезбале своите иницијали, отколку на дрво.
Кората прекриена со безброј срциња, цветови, пораки и други уметнички творештва блика со некоја волшебна енергија, со некоја светлина побела од белината на снегулките. Бев на коленици, невнимавајќи на снегот кој се лепеше на мене. Бев изненадена од толку заљубени, навистина. Кога и да погледнев ниеден од тие случајни минувачи не ми заличи на вљубен, но ете биле.
Точно на средината од дрвото стоеше нивното срце. Во него изрезбани беа буквите А и Ш.
Толку професионално, толку поразлично од другите што мораше да биде сопственост на оние двајца што седат на клупата и не ме приметуваат додека јас фино ги приметив и повеќе од тоа.
Во себе помислив да си постојам јас уште малку и онака не ме видоа, но сепак станав кога сфатив дека ќе се разболам од студениот снег кој веќе ми се прилепи за кожата и почна да ми студи до безсвест.
И сега повторно гледам во таа клупа, во тоа дрво, но нив нив ги нема. Се доближувам до дрвото, но ни тоа не кажува каде се.
Само изрезбаното стои на своето место да сведочи дека не сонував, дека беше вистина, но помина, како и сè што ќе помине, освен спомените.
Автор: Сузана Николова
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.